Британија се збогува со ЕУ, се очекува домино ефект
По вчерашниот референдум на кој мнозинството Британци се изјаснија за напуштање на Европската Унија, британскиот премиер Дејвид Камерон си поднесе оставка. Шкотските националисти најавија нов референдум за независност. Се стравува дека чекорот на Британците можат да го следат и други. Французинката Ле Пен и холанѓанецот Вилдерс побараа референдуми во сопствените држави, за како што велат „ослободување од бриселската бирократија“. Неофицијално деталите за излегувањето од ЕУ ќе се договараат наесен...

Обединетото Кралство си заминува од Европската Унија. Поддржувачите на Брегзит победија со 51,9% од гласовите на вчерашниот историски референдум со кој се решаваше иднината на островот во европското семејство.
Над 50% од гласовите во Велс и Англија беа за излез од Унијата. Мнозинството во Шкотска, Северна Ирска и Гибралтар гласаше за останување во ЕУ. Победата на „Брегзит“ ја замре атмосферата на фестивалот Гластонбери.
„Ужас! Не знам како поинаку да го опишам ова. Сите сме шокирани. Не знаеме што не чека натаму.“
„Ќе видиме што понатаму. Не може да прогнозирам сега. Јас гласав да останеме. “
„Јасно ми е до одреден степен зошто гласаа за ова. Но, на долгорочен план, не. И јас бев неопределен долго време. На крајот, и јас гласав за излез. Не знам дали постапив правилно зашто ниедна страна не ни даде доволно информации“, велат граѓаните.
Поради резултатите од референдумот, премиерот Дејвид Камерон кој гласаше за останување во Унијата, поднесе оставка. Според прогнозите на британската компанија за обложување „Ледброукс“, фаворит за негов наследник е поранешниот градоначалник на Лондон и лидер на кампањата за Брегзит, Борис Џонсон.
„Сега кога одлучивме да заминеме, мора да го најдеме најдобриот начин за тоа. Ќе направам се што можам да помогнам. Ја сакам оваа земја и почестен сум што и служев. Ќе продолжам и во иднина да давам се од себе за напредокот на оваа голема земја“, рече Камерон.
Неговиот главен опонент во кампањата, лидерот на Партијата на независните Најџел Фараж побара нов премиер и влада кои ќе се залагаат за Брегзит.
„Денес победи нацијата на искреноста, достоинственоста и вербата. Ајде да се ослободиме од знамето, химната, Брисел и се што пропадна. 23 јуни да се запише како ден на независноста во нашата историја“, рече Најџел Фараж, лидер на Партијата на независните.
За шефот на кампањата за излез, Гизела Стјуарт, иако е ова шанса за Обединетото Кралство да си ја врати контролата, соработката со Европа ќе продолжи.
„Сакам да им биде јасно на сите колеги во Европа дека Британија е отворено општество кое ќе продолжи да соработува со европските земји на меѓународно ниво“, рече Гизела Стјуарт, лидер на кампањата за излез од ЕУ.
Референдум за независнот најави и лидерката на Шкотската национална партија и премиерка на Шкотска Никола Стeрџoн.
„Не е ништо чудно што Шкотска гласаше да останеме, а поголемиот дел од Обединетото Кралство да излеземе. Ние може да имаме референдум за независност и да побараме да ни се придружат Северна Ирска и Лондон. Мислам дека вториот референдум може да биде успешен,“
„Очекувам втор референдум за Шкотска. Гласаа за останување во Унијата, па сега мора да имаме втор референдум“, велат граѓаните на Шкотска.
Излезот на Обединетото Кралство ќе се одвива постепено. Наесен ќе почнат преговорите во Брисел за официјалниот излез од ЕУ и дефинирањето на натамошните односи на Обединетото Кралство. По две години, земјата веќе нема да биде обврзана со постојните договори на Унијата освен ако заедно со 27-те земји членки не се договори да ги продолжи преговорите.
