Богов: Курсот на денарот останува стабилен

24.06.2016 15:14

Нестабилните глобални финансиски движења ќе продолжат и во наредните години, а неизвесноста ќе расте доколку и други земји од ЕУ решат да го следат британскиот чекор, смета гувернерот Димитар Богов. За Македонија без промени, курсот стабилен со ниска инфлација, вели Богов...

Македонија да ја стабилизира политичката ситуација, бидејќи во турбулентни времиња какви што претстојат по излезот на Британија од ЕУ, на земјата и требаат намалени ризици – изјави гувернерот Богов. Тој анализира дека глобалната економија во изминатите шест години имала нестабилни финансиски движења, кои како што предвидува првиот банкар, во наредните неколку години ќе бидат уште повисоки. Нестабилноста, оцени Богов ќе расте и ако други држави од Унијата одлучат да го следат британскиот пример.

„Македонија е мала економија, ние не можеме да влијаеме на глобалните движења. Секако, она низ што ќе поминува економијата на европската унија ќе има одраз и на нашата економија, затоа што македонската економија е извозно ориентирана кон ЕУ и ние од тоа не можеме да избегаме“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Без оглед на случувањата во Европа, прогнозира гувернерот, земјата нема да падне во инфлација, а курсот на денарот ќе остане стабилен. Проблеми не се очекуваат ниту кај девизните резерви. Поголеми ризици носи континуираната политичка криза која веќе втора година се рефлектира кај кредитирањето. Поради политичката криза, вели Богов, земјата лани не го оствари ниту планиран раст од 4 насто и се задржа на 3,7 проценти.

„Стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото гарантира дека нема да има големи турболенции и кај нашите извозници. Тие главно извезуваат кон еврозоната, кон земји коишто се деноминирани во евро, така што тука не треба да има дилема. Ниска инфлација и стабилен курс на денарот останува како политика на НБ  и во наредниот период“, изјави Богов.

Откако по шпекулациите во април граѓаните масовно почнаа да ги повлекуваат банкарските деопозити, Народната банка одлучи да побара одговорност за нарушување на банкарскиот систем. Затоа веќе се отпочнати консултации со меѓународни финансиски институции со цел да се направи анализа. Извештајот, вели Богов ќе се достави до Собранието за да се бара ново законско решение со цел слична ситуација да не се повтори во иднина.

Анита Димитријевска