10 години успешна работа на Центарот за интервентна кардиологија во Охрид
Во Кардиолошкиот завод во Охрид за десет години се извршени над 13 илјади интервентни процедури и спасени се над четири илјади човечки животи. Тоа говори за важноста од постоењето на оваа здравствена установа. Претстојат активности за опремување на одделението за рехабилитација...

За десет години во охридскиот Центар за интервентна кардиологија се изведени над 13.000 интервентни процедури, од кои една третина кај животозагрозени пациенти. Тоа значи дека за една деценија се спасени 4.000 човечки животи, што целосно го оправда отворањето на првиот ваков центар надвор од Скопје. До средината на наредната година Кардиолошкиот завод ќе се пресели во нови простории кои ќе овозможат подобри услови за работа.
„Јас очекувам дека ќе се смогнат напори и средства веднаш потоа или можеби во исто време да се средат и активностите околу имплементацијата на рехабилитацијата“, изјави д-р Изабела Автоска, директор на Кардиолошки Завод-Охрид.
Квалитетот на услугите придонесе бројот на пациенти од земјата и странство постојано да расте.
„Јас морам лично да го пофалам тимот од интервентната кардиологија кој што се состои од четворица лекари, кои што самостојно во текот на 365 дена од годината можат да извршат било каква најкомплицирана интервенција“, изјави д-р Дејан Манчевски-Раководител на одделот за интервентна кардиологија.
Охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески, кој во ниту еден момент не се откажа од професијата смета дека успехот се должи на континуираната едукација.
„И сето тоа придонесува да се создаде една слика во која што пациентите од регионот навистина веруваат и една слика во која што се создава една сигурност на сите оние кои што бараат услуги од овој центар“, вели д-р Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Во наредните години Заводот планира воведување на методи и процедури кои се дел од светската врвна кардиологија, со што ќе го задржи реномето кое го ужива како здравствена институција.
Сашо Нелоски
