Реакции по Брегзит: Тажен ден, но ЕУ ќе продолжи нормално да функционира
„Тажен ден за Европа и за Велика Британија“- коментира германскиот шеф на дипломатијата, Франк Валтер Штајнмајер. Политичките лидери во Брисел уверуваат дека се подготвени за ова негативно сценарио, велат дека Европската унија ќе продолжи нормално да функционира. Во Брисел е свикан вонреден состанок, Берлин, пак, утре ги собира основачите на Унијата...

Неочекувана одлука на Британците со големо влијание врз економијата, а воедно и лош пример за останатите држави- вака граѓаните во европската престолнина ја дочекаа утринава веста за одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ. Кои се нивните грижи и очекувања- од анкетата на МРТ во Брисел:
„Дефинитивно ќе има влијание на Европската Унија. Тешко е да се замисли ЕУ без Британците заедно со нас. Европската Унија губи голема сила.“
„Секако дека ќе има економско, но и политичко влијание. Но ЕУ ќе продолжи, нема да исчезне поради отсутството на Велика Британија. Прашање е дали ни треба голема ЕУ, или пак мал, но цврст сојуз.“
„Отвора многу прашања, на пример други земји ќе почнуваат да размислуваат дека референдумот е опција. Мислам дека е лош пример“, велат жителите на Брисел кои ги анкетиравме.
Остануваме силни и обединети- ова е ставот на официјален Брисел по денешниот итен состанок на лидерите на ЕУ. Одлучни сме да го одржиме единството на 27- членки на Унијата, истакна претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.
„Јас сум целосно свесен за тоа колку е сериозен, па дури и колку е драматичен овој момент на политичко ниво. Не постои начин за предвидување на сите политички последици од овој настан, особено за Велика Британија. Но, сигурно е дека ова не е момент за хистерични реакции. Денес, во име на лидерите на 27 земји можам да кажам дека ние сме решени да го задржиме нашето единство како дваесет и седум. Додека Велика Британија официјално ја напушти Европската унија, правото на ЕУ ќе продолжи да се применува и во рамките на Велика Британија. Со ова мислам и на правата и обврските“, изјави Туск.
Иако излегување на една држава, се случува прв пат во историјата на ЕУ, и постојат извесни недефинирани процедури, според Лисабонскиот договор, Велика Британија официјално ќе излезе од ЕУ дури во 2018 година.
„Ова е одлука без преседан, но ние сме обединети во нашиот одговор. Сега очекуваме Владата на Европската комисија да ја верифицира оваа одлука на британските граѓани што е можно поскоро, колку и да е болен тој процес. Секое одложување, непотребно ќе предизвика несигурност“, рече претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
„Ова е тежок момент за двете страни, за Европската унија и Велика Британија. Сега има правни процедури кои треба да ги оцениме, кои се идните неопходни чекори. Ние во Европскиот парламент сме подготвени да придонесеме со сите средсва со кои располагаме за конструктивен процес“, рече претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Реакции за резултатите од референдумот во Велика Британија пристигнуваат од сите држави на Унијата.
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер истакна дека ова е тажаен ден за Европа. Веста од Велика Британија е навистина разочарувачка.
„Ова е горчлив ден за Европа. До неодамна се надевавме дека граѓаните на Велика Британија ќе одлучат поинаку, дека ќе се решат за Европската Унија, но тие не го сторија тоа. Одлучија да ја напуштат. Тоа е јасна одлука што мораме да ја почитуваме. Велика Британија е повеќе од една членка на ЕУ, тоа е историја, традиција и искуство на земја која што ја одбележа Европската Унија во децениите зад нас“, изјави Штајнмајер.
Полскиот шеф на дипломатијата Витолд Васчиковски оцени дека Брегзит е голема дилема за еврократите. „Сакаме да останеме во ЕУ, но прашање е во кој облик“, изјави Васчиковски. Премиерот на Ческа, Бохуслав Соботка истакна дека излегувањето на Велика Британија, не е крај за ЕУ. Загриженост за последиците и ризиците врз глобалните финансиски пазари, изрази јапонскиот министер за финансии Таро Асо.
Европските народни партии како најбројна полтичка опција во моментов во рамките на ЕУ, оценуваат дека преговорите за излез на Велика Британија треба веднаш да почнат.
Независните аналитичари оценуваат дека најважната последица на Брегзит е политичката порака, односно дека може да послужи како пример за останатите. Богатите држави кои сметаат дека се искористени од Бриселската машинерија и сиромашните кои сметаат дека им се наметнува туторство врз државничкото управување.
Во таа насока, веднаш по објавувањето на официјалните резултати, претседателката на ултра десничарската партија Национален фронт, Мари ле Пен изјави- сега е време Франција и останатите земји да споведет референдум. Лидерот на холанската антиевропска партија, Партија на Слободата, Герт Вилдерс повика на референдум за излегување од ЕУ. И Шкотската Национална партија ќе бара нов референдум за независност на Шкотска, изјави поранешниот шкотски премиер, Алекс Салмонд.
Од Европскиот политички центар анализират и дека доколку ЕУ продолжи да се разединува, проширувањето ќе остане на дното на приоритетите на Унијата, а ниту Балканските држави ќе бидат заинтересирани за членство во Унијата.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
