Клиника за гинекологија: Сите новороденчиња имаат ист третман

26.06.2016 14:48

Од Клиниката за гинекологија и акушерство велат дека сите новороденчиња имаат ист треман. Раководството тврди дека во Скопје доаѓаат најтешките случаи поради тоа што единствено тука има одделение за интензивна неонатална нега и терапија. Апелираат во иднина да се внимава со информирањето за бројките за смртност...

„Ист третман имаат сите новороденчиња на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје“- тврди раководството. Велат дека бројките за смртност кои беа пласирани во јавноста се извадени од контекст. Според лекарите, релевантна е статистиката која се прави врз основа на едногодишна, петгодишна или повеќегодишна анализа и податоци.

„Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Бројките кога се презентираат треба да бидат експлицитни врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година. Искрено жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори“, изјави д-р Драган Тантуровски.

Тантуровски вели дека на Гинеколошко- акушерската клиника во Скопје доаѓале најтешките случаи поради тоа што единствено тука има одделение за интензивна неонатална нега и терапија.

„Работиме и со екстремно недоносени деца. Најзастапени се оние кои се под 27-ма односно под 25-та гестациска седмица, дури и 21 гестациска седмица. За жал смртноста се случува во семанаталниот период што значи во првата седмица од животот на детето што е огледало на условите во кои што се наоѓало кога било фетус односно било плод“, изјави примариус д-р Снежана Јанчевска, раководител на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија.

Од Клиниката информираат дека лани имало околу 5.800 породувања, а биле изнесени и сите податоци за смртност во период од пет години.

 

Наташа Гркова- Петрушевска