Брегзит удри по најбогатите – за еден ден изгубиле 127,4 милијарди долари
Индексот на милијардери на „Блумберг“ покажува дека на глобално ниво, милијардерите изгубиле 3,2 % од нето капиталот што се проценува на 3.900 милијарди долари. Во Европа, најголем губитник е Амансио Ортега...

Одлуката на Британците да ја напуштат Европската унија ги потресе светските пазари, а за само еден ден 400 од најбогатите луѓе во светот изгубиле 127,4 милијарди долари, проценува агенцијата „Блумберг“. Од оваа сума, богатите Британци изгубиле 5,5 милијарди долари, а европскиот пазар забележа најостар пад од 2008 година, со фунтата на рекордно ниско ниво, незапаметено од времето на премиерката Маргарет Тачер.
Индексот на милијардери на „Блумберг“ покажува дека на глобално ниво, милијардерите изгубиле 3,2 % од нето капиталот што се проценува на 3.900 милијарди долари. Во Европа, најголем губитник е Амансио Ортега, најбогатиот Европеец, кој изгуби 6 милијарди долари. Најбогатиот човек на светот, шефот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс и првиот човек на „Амазон“ изгубија по една милијарда долари, исто колку и најбогатиот Британец, Џералд Кавендиш.
Брегзитот не им влијаеше толку на британските богаташи – 15 на број вкупно изгубија само 5,5 милијарди долари. Најголемиот губитник е сопственикот на брокерската куќа „Харгривс Лансдаун“, Питер Харгривс, со загуба од 2,9 милијарди долари или 19% од богатството. Да биде иронијата поголема, Харгривс беше голем поборник за Брегзитот и за кампањата за излегување на Велика Британија од Европската Унија донираше 3,2 милиони фунти.
