По Брегзит, неизвесност на економската и политичката сцена

27.06.2016 12:46

По првичнит шок од резултатите на британскиот референдум, Меркел, Оланд и Ренци најавија итна средба во Берлин за дефинирање заеднички мерки. Фунтата потона, а берзите претрпеа загуба од 2.100 милијарди долари. Проблематичен е и статусот на Лондон како глобална финансиска престолнина...

Британскиот премиер Дејвид Камерон на Самитот на ЕУ во вторник нема да се повика на членот 50 од Лисабонскиот договор, со што би требало и официјално да почне процедурата за излез од Унијата. По објавените резултати од референдумот од 23 јуни, Камерон  најави оставка која ќе стапи во сила во октомври.

„Преговорите за излез од Европската Унија треба да почнат со нов премиер. Тој треба да решава за активирање на членот 50 и почнувањето на формалните и правните процедури за напуштање на Унијата“, изјави Камерон.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд закажаа средба во Берлин заедно со италијанскиот премиер Матео Ренци за активностите на Унијата по Брегзит. И американскиот државен секретар Џон Кери е во посета на европскиот континент за да им даде поддршка на Лондон и Брисел за натамошните чекори.

Голема неизвесност владее на светската политичка и економска сцена. Фунтата падна на рекорден 30- годишен минимум. Само во петокот берзите загубија  2.100 милијарди долари. Статусот на Лондон како глобална финансиска престолнина е ставен на коцка доколку ги загуби т.н. пасошки права од договорот за Европскиот економски простор што им дозволува на банките да бидат сместени во Британија, а производите и услугите да ги нудат во ЕУ. Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн охрабрува дека нема да се изгуби фискалната стабилност.

Лондончани со поделено мислење за причините и последиците од Брегзит.

„Нѐ чека долг пат. Но мислам дека е вистинскиот. Целта е да си вратиме се што сме изгубиле со текот на годините.“

„Можно е да излезе нешто добро, но лично сметам дека ми е украдена иднината и мене и на мојата генерација.“

„Доселениците не се од вчера овде. Не станува збор за нив, туку за големиот бран  илегалци. Жал ни е за Сиријците, но не треба сите да доаѓаат овде. Ни треба гранична контрола“, велат жителите на Лондон.

Претходно Папата Франциск ја повика Европа да размисли за создавање  нова унија поради опасност од таканаречена „балканизација“.

„Во Европа веќе се води војна, поделеноста не постои само меѓу земјите, туку и во самите земји. Пример за тоа се Каталонија, Шкотска. Не велам дека овие поделби се опасни, но пред да преземеме чекори треба да најдеме изводливо решение. Унијата мора да им даде поголема независност на земјите-членки“, смета Папата Франциск.

Неколку европски земји најавија дека ќе го следат примерот на Обединетото Кралство за да се ослободат од, според нив, бриселската бирократија. Сличен референдум бараат и неколку движења во Тексас и Калифорнија.