Конзервативците на Рахој победија на предвремените избори во Шпанија

27.06.2016 15:32

Конзервативците на Шпанија победија на предвремените парламентарни избори. По само шест месеци од декемвриското фијаско, кралот ФелипеI повторно распиша избори за да и помогне на Шпанија да излезе од политичкиот безизлез...

Конзервативната Народна партија на шпанскиот премиер Маријано Рахој победи на предвремените парламентарни избори. Десницата има 137 пратеници во Парламентот со 350 членови, но за формирање на стабилна влада ќе и бидат потребни уште 39 пратенички места. Социјлистичката работничка партија е на второ место со 85 пратеници, додека левичарската коалиција Унидос Подемос е трета со 71 освоен мандат.

Премиерот Рахој најави дека приоритет ќе бидат разговорите за формирање влада со опозициските социјалисти кои долго време одбиваа каква било коалиција со конзервативците.

„Периодов не беше воопшто лесен. Оваа партија преживеа тешки времиња и  моменти, но за оваа опција, мнозинството шпанци го дадоа својот глас. Победивме, го добивме правото да ве водиме. А поради победата, мора да бидеме 100% ефикасни за народот на Шпанија“, изјави Рахој.

Мнозинството Шпанци ги поддржаа кампања и идеологијата на премиерот.

„Мене ми се допадна резултатот. Посакувам да имаа повеќе пратеници, но веројатно ќе успеат да формираат влада. Не можеме да имаме уште едни избори, тоа би било катастрофално за земјата.“

„Треба да формираат пакт со сите партии кои ќе ги предводи умерената и стабилна Народна партија на Шпанија.“, велат граѓаните.

Коалицијата Унидос Подемос – формирана пред две години меѓу Подемос и партијата Изгиерда Унида, е наследник на Комунистичката партија. Опонентите на конзервативците се незадоволни од изборот на мнозинството Шпанци. Но, независно од резултатите и изборниот пораз, ветија дека ќе продолжат со борбата за подобро утре.

„Научивме да се бориме заедно, имавме невидени победи. Понекогаш и бевме поразени, но научивме дека така треба. Сакаат да не разделат, но ние ќе останеме заедно. Со ваква сила можеме се, и ќе продолжиме да се бориме зашто сакаме да создадеме подобро општество“, изјави Алберто Гарзон, лидер на Обединетата левица.

„Му честитав на Маријано Рахој. Социјалистите сакаа победа, но не успеавме и не сум задоволен. Меѓутоа, ние сме првата политичка партија од левицата“, рече Педро Санчез, кандидат од партијата на социјалистите.

Новиот парламент ќе почне да работи на 19 јули. Кралот Фелипе Втори ќе номинира кандидат за премиер откако ќе го изберат партиите.

Во изминативе 6 месеци, Шпанија се соочуваше со политичка блокада бидејќи на декемвриските избори ниедна партија не успеа да освои доволно гласови да формира влада, ни коалиција.