СЕП ќе соработува со шест државни и јавни универзитети!

29.01.2014 12:38

Потпишан Меморандум за соработка со неколку државни и јавни универзитети...

Потпишан Меморандум за соработка со неколку државни и јавни  универзитети. Вицепремиерот Фатмир Бесими и претставниците на Универзитетите  ставија свој потпис на докиментот за соработка. СЕП ќе соработува со  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на ЈИЕ, Државниот универзитет во Тетово и универзитетите „Св. Климент Охридски“, „Св. Апостол Павле“ и „Гоце Делчев“  во насока на поддршка на процесот на евроатланските интеграции. 

Бесими по потпишувањето  изјави дека стратешката определба на земјата за членство во Европската унија е директен интерес на граѓаните на Македонија, а денешниот Меморандум е пример на волја и конкретни активности за соработка во однос на европската интеграција на државата.

- Ние универзитетите ги сметаме за значаен партнер во овој процес како од аспект на нивниот научен капацитет во однос на професорите и кадарот, така и во однос на студентите кои учат на овие универзитети кои ќе бидат идните европски граѓани  и ќе работат во европските институции, рече Бесими.

Ректорот на ДУТ Вулнет Амети го поздрави потпишувањето на Меморандумот, истакнувајќуи дека ова претставува формализирање на соработката на овие високообразовни институции во делот на евроинтеграциите на земјата.

Меморандумот опфаќа соработка во четири области и тоа соработка и изработување заеднички проекти за истражување, дебати и предавања и заедничко аплицирање на нивно финансирање во земјата и во странство, стажирање на студенти во Секретаријатот кои посетуваат образовни програми во доменот на евроинтеграциите, доделување стипендии за државни и јавни службеници, за магистерски студии од областа на ЕУ и евроинтеграцијата и отворање ЕУ-инфо катчиња на универзитетите.

 

Лидија Чакар