Брегзит ги носи САД во Европа: Џон Кери на средби во Брисел и Лондон
Брегзит ги носи Соединетите Американски Држави во Европа. Џон Кери денеска во Брисел на средба со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, потоа во Лондон со британскиот премиер Дејвид Камерон и со министерот за надворешни работи, Филип Хамонд...

Стабилност и сигурност во светот, добробитта на нашите народи, се вредностите кон кои сме фокусирани изминативе децении и тоа нема да се промени по историската одлука на Велкиа Британија, која сите ги изненади, да ја напушти Европската Унија, истакна државниот секретар на САД, Џон Кери, по денешниот состанок со високата претставничка на Европакста унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
„Сега останува лидерите да ја имплементираат волјата на граѓаните, и тоа да го направат на одговорен, сензитивен и паметен начин. Есенцијално е, како во овој транзициски период, никој да не го изгуби разумот, да не се разединува народот, да нема примеси на осветољубивост. Треба да го одржиме фокусот на вредностите кои не зближија“, рече Кери.
Силна и обединета Европа е круцијално во овој тежок период за сите, рече Могерини. Шефицата на европската дипломатија изјави дека партнерството со САД останува силно и дека посветено ќе продолжат да работат на заедничките интереси.
„Како што разговаравме денеска, нашето партнерство останува силно, не само поради доброто на нашиот народ, туку и поради сигурноста и мирот во светот. Посебно да ја реафирмираме силата на нашето партнерство и продолжувањето на нашата заедничка работа“, нагласи Могерини.
Државниот секретар на САД, Кери, од Брисел, денеска заминува во Лондон, како што рече на состанок со највисоките владини преставници. САД во истовреме ќе ја одржи силната и посебна врска што ја имаат со Велика Британија, изјави Кери.
Според него овој транзициски период не преставува проблем , туку предизвик, и секако дека тоа нема да помине без одредено влијание. Последици ќе има.
Инаку утре започнува дводневниот самит на шефовите на државите и владите на Европската Унија, на кој централна тема секако ќе биде Брегзит. Ова ќе биде прв самит без учество на Велика Британија. Високата претставничка на Унијата, Федерика Могерини претходно ќе оствари состанок со британскиот премиер Дејвид Камерон.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
