Ќе се проширува зоната на евтин роаминг
Цените на роаминг услугите кои ги користат нашите граѓани со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина за две години се намалени за над 80 насто. Во тек се разговори кон оваа зона да се приклучат и Косово и Албанија, каде веќе се преговара со операторите да се намалат роаминг цените. Во Охрид, на оваа, но и на други теми дискутираат регулаторните тела од областа на телекомуникациите од регионот и од Европа...

Четирите земји од регионот: Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора продолжуваат да ја следат ЕУ и по вторпат на 1 јули ќе ги намалат цените на роаминг услугите меѓу себе. Оваа регионална зона на евтин роаминг овозможува далеку пониски цени за појдовен и дојдовен роаминг во однос на порано.
„Сукцесивно во овие држави на 1 јули се намалуваат цените. Така што оваа година на 1 јули стапува во сила второто намалување. Значи ако погледнете пред 2 години и направите споредба на цените имаме намалување на повеќето од услугите за повеќе од 80 насто. Се трудиме да ги вметнеме и овие држави во рамки на тој договор, но тоа не зависи само од нас, туку до самите држави да го уредат тоа со операторите. Веројатно отпорот кај нив од страна на операторите е поголем и потешко успеваат да се справат“, изјави Сашо Димитријоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации на Македонија.
Косово и Албанија потврдуваат дека преговараат со мобилните оператори за влез во оваа зона со ниски роаминг цени, и најавуваат дека очекуваат позитивен исход.
„Работиме на тоа да ги намалиме цените не само кон Македонија, туку и кон сите други земји, бидејќи Албанија е туристичка земја, а во корист е намалувањето на цените за сите балкански држави, па и за Турција“, изјави Аљбан Карабици, член на УО на албанскиот регулатор.
Димитријоски појаснува дека веројатно во овие земји е поголем отпорот на операторите, затоа што им се зема дел од колачот. Направени се сите подготовки и од 1 јули официјално да почне да работи британскиот виртуелен оператор „Лајкамобајл“ со повеќе од 15 милиони корисници.
Димитријоски потврди дека се ослободуваат фреквенции и се прават сите технички подготовки за создавање услови за влез на трет мобилен оператор на домашниот мобилен пазар и до крајот на годината да се објави јавен повик за заинтересирани компании.
Свето Николовски
