ЕКСКЛУЗИВНО ОД КИЕВ: Амнестија ако се тргнат барикадите
Украинскиот парламент расправа за амнестија на над 200-те уапсени во насилните антивладини демонстрации...

Украинскиот парламент расправа за амнестија на над 200-те уапсени во насилните антивладини демонстрации. За сега не се разговарало за ослободување на поранешната премиерка Јулија Тимошенко.
„Преговорите се долги и тешки. Би сакал да истакнам неколку клучни точки за коишто се преговара. Прво, ќе ги ослободат сите уапсени демонстранти, нудат амнестија, за ова прашање било разговарано. Второто прашање е укинувањето на срамниот закон против демонстрации којшто беше усвоен на 16 јануари“.- изјави Виталиј Кличко
Претседателот Виктор Јанукович веќе се изјасни дека сака да ја услови амнестијата со тоа што незадоволните граѓани мора да ги тргнат барикадите и да ги ослободат објектите на државните институции окупирани деновиве. По оставката на премиерот, демонстрантите очекуваат да се повлече и Јанукович. Сликата во центарот на Киев ни изминатата ноќ не се разликува од претходните но состојбата е мирна.
„Мора да се концентрираме и да направиме се што можеме за стабилно функционирање на земјата. Мора да и кажеме „не“ на агресијата и на ултиматумите. Единствениот начин да се реши кризата е преку дијалог и разбирање. Владата е подготвена да преземе мерки за постигнување национална стабилност“, изјави Сергеј Арбузов.
Изутрината стариот премиер Азаров му ја предаде фотелјата на наследникот Сергеј Абрузов. Во очекување на разговорите на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон со власта и опозицијата во Украина, овдешните медиуми се занимаваат со странските реакции за вчерашните одлуки. Во телефонски разговор со Јанукович, американскиот потпретседател Џо Бајден ги поздравил направените отстапки и побарал од украинскиот претседател, да ја потпише суспензијата на спорните закони што ја изгласа вчера парламентот. Ја пренесуваат и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека е против странско мешање во Украина и дека Русија никогаш нема да го прави тоа.
Но така не мислат оние кои протестираат во центарот на Киев. Многумина се чувствутелни дури и на руските новинари кои известуваат од Киев.
„Некои луѓе ме опкружуваат и слушаат што кажувам и ако не им се допаѓа тоа што го зборувам реагираат и напаѓаат. Луѓето од Мајдан зборуваат за слобода на говорот, но ние овде немаме слобода на говор“, Ина Чукина, новинарка од Русија
Но невладините активисти во Украина го тврдат спротивното. Под власта на Јанукович умрела слободата на говор. Оние малку што функционираат, велат дека со олеснување ја дочекале одлуката да бидат уканите 9-те спорни закони. Во спротивно им се заканувало затворање зашто биле прогласени за странски агенти.
„Во Украина не можете да бидете нормална невладина организација бидејќи овде немаме украински донатори, немаме помош од државата. Мораме да бараме извори надвор од земјата..Поради овие меѓународни донации, можеме да обезбедиме објективно информирање“, вели Љубов Акуленко, невладина активистка.
Душко Арсовски- Специјален известувач за МТВ од Украина
