Исламска држава најверојатно стои зад нападот во Истанбул

29.06.2016 12:49

Премиерот на Турција ги обвини џихадистите на Исламска држава за синоќешниот напад во Истанбул во кој загинаа 36, а беа повредени 147 патници на аеродромот „Ататурк“. Претседателот Ердоган побара засилена борба против тероризмот, а осуда за нападот пристигна од НАТО и од Обединетите нации...

Турскиот премиер Бинали Јилдирим ги осуди џихадистите на Исламска држава за последниот напад во Истанбул во кој загинаа 36 луѓе, а беа повредени 140. Повеќето загинати се турски државјани, но полицијата идентификувала и патници од Иран и од Украина.

„Информациите укажуваат дека Исламска држава стои зад самоубиствениот напад на главниот аеродром во Истанбул „Ататурк“ во кој загинаа 36 лица“, изјави Бинали Јилдирим, премиер на Турција.

Тројцата терористи пукале врз луѓето, а потоа активирале експлозив на влезот од аеродромот. Постојат многу скенери и детектори, но проверките на автомобили не се темелни. Напаѓачите пристигнале со такси возило.

„Полицијата ни нареди да легнеме. Пукаа кон полицајците, тие им возвратија, па експлодираше бомбата. Загинаа сите што беа околу скенерот. Јас ѕиркав да видам што се случува“, сведочи еден патник.

„Според досегашните податоци, терористите пукале со Калашњиков, па потоа се разнеле. Има податок и за експлозија на влезот на метрото на аеродромот“, вели Бекир Боздаг, министер за правда на Турција.

Претседателот Ердоган повика на засилена борба против тероризмот на глобално ниво. Нагласи дека целта на нападот не било да се постигне некаков резултат, туку да се создаде пропаганда против Турција, користејќи крв и страдање на недолжни луѓе.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и САД, го осудија нападот и повикаа на засилена меѓународна соработка во борбата против тероризмот. Осуда стигна и од НАТО каде што Турција стана членка во 1952 година. За генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, тероризмот нема никакво оправдување.

Премиерот на Албанија Еди Рама слетал на аеродромот само неколку минути по нападот. На својот твитер профил, Рама изрази сочувство и нагласи дека се виновни оние кои немаат верба во бога.

За последните неколку напади одговорноста ја презема или Исламска Држава или Курдите. Од почетокот на годинава во Турција се случиле 4 терористички напади во Истанбул, 3 во Анкара и 1 во близина до границата со Сирија.