Повеќе пари за ФЗОМ со ребалансот на буџетот
Премиерот Димитриев на работен состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување. Со новиот ребаланс на државната каса, повеќе пари за Фондот. Зголемен е интересот и за ин витро оплодување за 15 насто, а веќе се одборени и три случаи за трето дете со ин витро...

Со ребалансот на буџетот ќе има повеќе средства за ФЗОМ, најави премиерот Емил Димитриев. Посочи дека владата и во иднина ќе го помага Фондот со дополнителни средства кои, како што рече, од нивна страна ќе бидат трансферирани како дополнителни услуги кон граѓаните.
„ФЗОМ е меѓу ретките институции кои со постојниот ребаланс на Буџетот добиваат поголеми финансиски средства. Тоа го потврдува нашиот однос кон здравството и овој сегмент од функционирањето на државата како нешто што е приоритетно“, изјави Димитриев по посетата.
Според пресметките на ФЗОМ, околу 15 милиони евра останале кај граѓаните по преземањето од страна на фондот, услугата ин витро да биде на товар на државата. Во првите шест месеци годинава за 15 проценти биле зголемени побарувањата за оваа услуга, во однос на истиот период лани. Веќе се одобрени и три апликации за ин витро за трето дете. Од раководниот тим во ФЗОМ премиерот бил информиран дека динамиката на реализација на проектите се одвива согласно планови и проекциите.
„Исклучително е значајно што со ребалансот ќе добиеме дополнителна финансиска инјекција во Буџетот на ФЗОМ. Тоа ќе обезбеди финансиска стабилност на секторот, осигурување на социјалните трансфери и навремена исплата на породилните боледувања и останатите боледувања, а ќе значи и дополнително давање права на нашите граѓани, како и имплементирање на нови методи и услуги во здравствените установи“, изајви директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски.
„Со ребалансот се предвидени средства за зголемување на буџетот на Фондот кој, како што кажа, историски во 2016 година е најголем досега и изнесува 25,570 милијарди денари, а со ребалансот ќе биде зголемен на 26 милијарди денари“, додаде директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани.
Зголемувањето на капитацијата за матичните доктори од 1 јули за 10 отсто ќе значи подобра финансиска кондиција на примарното здравство, констатирале соговорниците.
Од Фондот информираат дека за примарна здравствена заштита на субјектите со кои има склучено договор исплаќале околу 2,9 милијарди денари на годишно ниво. Во последниве 10 години буџетот на ФЗОМ е зголемен за речиси 100 проценти, односно од 13 на 26 милијарди денари.
Наташа Гркова- Петрушевска
