Турција ја обвини Исламска држава за нападот во Истанбул
Турција живее уште еден кошмар. Најголемиот аеродром во земјата кој синоќа беше цел на терористички напад ги испраќа патниците кои беа заглавени поради случувањата. Властите во нападот гледаат создавање на пропаганда против Турција и повикаа на засилена борба на глобално ниво. Според државните институции, сѐ укажува дека ИД е виновна за нападот...

Стотици патници кои останаа заглавени во турски „Ататурк“ се подготвуваат да го напуштат аеродромот. Контролите се засилени. Властите претпазливи. Работниците ја мијат крвта од хоророт во кој загинаа најмалку 41 човек. Од 239 повредени, 109 се задржани во болница. Повеќето загинати се турски државјани, но полицијата идентификувала и патници од Иран, Украина, Тунис, Кина, Јордан и од Саудиска Арабија. Турскиот премиер Бинали Јилдирим, за нападот ја обвини Исламска држава.
„Овој терористички напад е насочен кон невини цивили. Информациите укажуваат дека исламска држава стои зад него. Тероризмот е закана за сите земји и мора обединети да се бориме против него. Сметам дека тоа ќе биде најдобар одговор против терористичките групи“, изјави Јилдирим.
Снимка од надзорна камера објавена денеска го прикажува ужасот од последните моменти што се одвивале на аеродромот пред експлозијата. Тројцата терористи прво пукале врз луѓето, а потоа го активирале експлозивот.
„Прво слушнавме пукање, потоа викање и паника. Сите почнаа да трчаат, а по неколку секунди следуваше експлозијата.“
„Полицијата ни нареди да легнеме. Пукаа кон нив, тие возвратија, па експлодираше бомбата. Загинаа сите што беа околу скенерот“, сведочат патниците.
Според информациите од странските медиуми, напаѓачите пристигнале со такси возило.
„Терористите пукале со калашњиков, па потоа се разнеле. Има податок и за експлозија на влезот на метрото на аеродромот“, изјави Бекир Боздаг, министер за правда на Турција.
Претседателот Ердоган повика на засилена борба против тероризмот на глобално ниво. Рече дека целта на нападот не било да се постигне некаков резултат, туку да се создаде пропаганда против Турција, користејќи крв и страдање на недолжни луѓе.
Ова не е првпат Турција да биде мета на терористички напад. Од почетокот на годинава се случија 8 вакви инциденти за кои одговорноста ја презема или Исламска држава или Курдите.
Бојана Крстевски
