Австрија ќе затвори 122 полициски станици
Женева

Женева
Меѓународниот посредник за Сирија Лакдар Брахими ќе се обиде да ги продолжи преговорите во Женева, по вчерашниот прекин поради несогласување на опозицијата и власта. Опозициската делегација очекува индиректните преговори да продолжат, иако двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за претседател Башар ал Асад. Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун соопшти дека уништувањето на сириското хемиско оружје не се одвива во предвидениот рок. Се приближува и крајниот рок за извезување на хемикалиите, а тоа е петти февруари 2014 година, изјави Бан Ки Мун.
Тунис
По маратонско гласање, тунискиот Парламент ја изгласа техничката влада. Новиот состав на кабинетот е резултат на повеќенеделни преговори на кои учествуваа повеќе политички партии. Формирањето на новата Влада е од голема важност за стабилноста и демократијата на земјата.
Боливија
Вонредна состојба во Боливија. Над 30 лица загинаа, а дваесет илјади семејства се раселени поради невремето и изобилните дождови што ја зафатија земјата. Формиран е кризен штаб, а ќе бидат распределени милион долари за најзагрозените подрачја.
Австрија
Австриската министерка за внатрешни работи најави затворање на 122 полициски станици. Реформата е позната како „Модерна полиција“ и според министерката ќе биде поефикасна. Одлуката наиде на големо незадоволство кај населението.
Велика Британија
Британските власти соопштија дека кралицата Елизабета мора да ги намали трошоците, инаку ќе банкротира. Според извештаите, кралските резерви паднале на рекордно ниско ниво. Поради кризата во палатата се стопирани сите поправки и реконструкции.
Марија Петковска
