НАТО мора да остане обединет за да се справи со терористичките закани
Пред самитот во Варшава, северноатлантската алијанса е соочена со зачестените терористички напади на џихадистите. Откако и се нанесени порази во Сирија и во Ирак, Исламска држава ја префрла војната во Либија и во Турција, а сѐ повеќе се заканува и на европските метрополи. НАТО мора да остане обединет, за да се справи со калифатот, кој одбележа две години токму на денот на терористичкиот напад во Истанбул...

Светот се соочува со голем број на предизвици и сега не е време за поделби. НАТО мора да остане обединет, особено кога една земја членка како Турција е цел на терористички напад.
„Нашиот пријател, партнер и сојузник во НАТО, Турција уште еднаш е жртва на терористички напад. За жал, ова е сценарио што гледаме дека се повторува често во последните месеци во Турција. Она што го видовме вчера не е акт на маченик, туку на убијци. Стоиме во силна солидарност со нашите пријатели во Турција“, изјави Ентони Блинкен, заменик секретар во Стејт Департмент.
„Сојузникот е под страшен напад и се надевам дека ќе дојдеме до брзо решение за нештата што предизвикуваат вакви видови на проблеми во Турција“, вели пензионираниот генерал Филип Бридлов, поранешен Врховен Командант на НАТО за Европа.
На самитот во Варшава, Алијансата треба да се засили воено и политички, да се осигураат земјите кандидати дека отворената врата за нови членки останува отворена и дека сојузниците ќе продолжат да соработуваат со своите партнери во мисиите во кризните региони.
„Денеска, знамињата на 39 нации, вклучувајќи на 26 сојузници и 13 партнери се веат над мисијата во Авганистан. Романци, Македонци, Грузијци, обезбедуваат заштита на силите на теренот. Украинците асистираат во обуката на силите во Западен Авганистан. Турците помагаат при намалување на корупцијата и менаџирање на финансискиот систем. Австралијанците, Британците, Холанѓаните и други, помагаат на авганистанските офицери да ја планираат иднината на нивните безбедносни сили. Ја делиме борбата, целта, загубите и лидерството во Авганистан“, смета Блинкен.
„Важно е во пресрет на самитот и по политичките настани што се случија во последниве две недели, да постигнеме цврста определеност во Варшава за единството на Алијансата и апсолутна посветеност на членот 5“, вели пензионираниот генерал Бридлов.
Претставници на Европската унија се поканети на престојниот самит на НАТО, за да се потврди дека по излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата останува партнерскиот однос меѓу овие две организации на безбедносен и политички план.
На самитот во Варшава, воените лидери ќе побараат од политичарите да усвојат процедура за побрзо донесување на одлуки, за да може поефикасно да се одговорат на предизвиците во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
