Студенти од светот го учат македонскиот јазик
Студенти од над дваесетина држави во светот го изучуваат македонскиот јазик преку интернет. Македонката Билјана Беламариќ Вилси којашто е професор по македонски јазик и живее во Соединетите Американски Држави основала интернет сајт за заинтересираните во странство коишто сакаат да научат македонски.

Преку Интернет центарот за македонски јазик www.macedonianlanguage.org, луѓе од целиот свет можат да го изучуваат македонскиот јазик бесплатно. Овој сајт е основан од Македонка од САД, професор по македонски јазик, која го основала курсот преку интернет, што во моментов го следат студенти од 25 држави.
„На нашата веб страница можат да се најдат многу материјали. Имаме бесплатни мултимедијални интерактивни материјали кадешто се претставува граматика во контекст на дијалози. Исто така имаме игри коишто можат да се играат, како крстословки и ребуси, за да се вежба користењето на зборовите што се изучуваат. Имаме материјали за сите возрасти. Значи почнувајќи од мали деца, имаме некои песнички и видеа со песнички, до најстарите коишто можат да изучуваат со бесплатните материјали“, изјави Билјана Беламариќ- Вилси, главен директор на Интернет центар за македонски јазик.
Најмногу или над 30 проценти од студентите се Американци, потоа странци коишто живеат и работат во Македонија, од Австралија, Турција, Британија, Канада, но и Бразил, Бахреин, Авганистан, Индонезија и Јордан. Материјалите од овој центар за македонски јазик преку интернет се користат на Универзитетот на Северна Каролина за почетното ниво на изучување на македонскиот јазик.
„Имаме многу интерес досега, бидејќи сите наши материјали што се на интернет се бесплатни. Луѓето се зачленуваат и потоа имаат бесплатен пристап до сите интерактивни мултимедијални материјали за изучување на јазикот. Можат самите да си ги разгледуваат и да си учат по нивни потреби и според тоа колку имаат слободно време“, објаснува Беламариќ- Вилси.
Интернет центарот за македонски јазик во 2012-та година е прогласен за најдобар сајт за изучување на јазик од страна на „Калико“ меѓународен конзорциум за бесплатно изучување на јазици преку интернет.
Третата генерација Македонци во странство не зборуваат македонски. Затоа единствен начин да го научат овој јазик е преку интернет.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
