Кој ќе го наследи Камерон?
Обединетото Кралство бира наследник на Дејвид Камерон. Жестока дебата меѓу кандидатите кои треба да ја преземат премиерската функција на земјата која си замина од Европската Унија...

Премиерот на Обединетото Кралство Дејвид Камерон најави дека ќе си замине од премиерската фотелја до октомври, откако граѓаните се изјаснија за излез од Европската Унија. Покрај премиерската функција, Камерон треба да добие наследник и како лидер на партијата на конзервативците. На чело на Ториевците е 10 години. Премиерската функција на Обединетото Кралство ја почна во 2010 година.
Министерот за труд и пензиски систем Стивен Краб, првиот што официјално ја објави кандидатурата за премиер, рече дека главен приоритет ќе биде да ја врати контролата над имиграциските политики. За него, одлуката на референдумот е конечна и не треба секој поединечно да се етикетира како поддржувач или противник на Брегзит.
Иако Тереза Меј е кандидат за работното место на Камерон, поддршката за останување во Европската Унија би можела да ја стави под знак прашалник нејзината номинација. Најави план за радикална програма на општествени реформи. Меј ја нарекуваат „новата Маргарет Тачер“ поради цврстите политички ставови.
„По референдумот, на нашата земја ѝ треба силен лидер кој ќе ја води во периодот на политичка и економска неизвесност, и да преговара за најдобрите услови додека си заминуваме од Европската Унија“, изјави Тереза Меј, министерка за внатрешни работи на Обединетото Кралство.
По 8-годишната улога на градоначалник на Лондон, Борис Џонсон често се споменува како нареден лидер на Ториевците. Тој предводеше и официјална кампања за Брегзит, односно излез на Британија од Унијата, па поради успешниот референдум, се очекува поддршка за неговите политички амбиции.
И министерот за правда Мајкл Гов е во трката за идниот лидер на партијата за Конзервативците, иако веќе неколку пати ја одби таа опција. Минатиот месец за време на кампањата, Гов порача дека постојат многумина кои многу подобро би ја воделе таа функција.
Андреа Ледсом, министерката за енергетика и поранешниот министер за одбрана Лиам Фокс се меѓу другите кандидати.
До 9-ти септември треба да биде познато името на новиот премиер кога ќе гласаат 145.000 членови на Конзервативната партија меѓу двајца финалисти.
