Против „јазлеста кожа“ вакцинирани 80.000 говеда
Досега против „јазлеста кожа“ се вакцинирани 80.000 говеда, а процесот продолжува се додека не бидат опфатени сите 225.000 грла во државата...

Болеста „јазлеста кожа“ нема значително да се одрази врз млечната индустрија зашто најпрво ги зафати говедата на пасиштата кои се одгледуваат за месо, а потоа се спушти во шталите, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Како што изјави денеска државниот советник во АХВ Светлана Колариќ, млекото и млечните производи може слободно да се консумираат, а нема пречки и за откуп од здрав добиток. За месото е битно, грлата да не се носат во кланица најмалку седум дена од вакцинирањето зашто толку трае периодот на каренца.
Според Колариќ, досега против „јазлеста кожа“ се вакцинирани 80.000 говеда, а процесот продолжува се додека не бидат опфатени сите 225.000 грла во државата.
Вакцинацијата е целосно завршена во југоисточниот регион кој беше најкритичен зашто таму се појавија првите жаришта. Во тек е вакцинацијата во Скопје, Тетово, и ќе продолжи се додека не биде покриена целата територија на Македонија. Целта е превенција и целосно сузбивање на болеста иако никој не може да го ограничи нејзиното ширење зашто се пренесува лесно, преку муви и комарци, а кон тоа дополнително придонесуваат и временските услови, како и климатските промени, истакна Колариќ.
Болеста е проширена и во Србија, а согласно експертските проценки, до крајот на годината се очекува да биде зафатена и Средна Европа. Колариќ уште еднаш напомена дека станува збор за незаразна болест, која не се пренесува на луѓето.
