Струјата поевтини за 0,25%
Цената на струјата се намалува за 0,25 насто за домаќинствата и за малите компании. Од крајната цена најголем дел 50,7 насто ќе добива ЕЛЕМ, ЕВН Дистрибуција 29,31, и операторот МЕПСО 4,83 насто. Новата цена ќе се пресметува од утре до 1 јули наредната година...

Регулаторна ги направи калкулациите и од утре ја намали крајната цена на струјата за скромни 0,25%. Математиките покажале дека ланските предвидувања за вкупните приходи на енергетските компани биле добро направени, појаснува претседателот на Регулаторната комисија Димитар Петров. Практично ако досега сте плаќале сметка од 1.000 денари, од утре таа би била пониска за 2,5 денара.
„Крајната цена ќе биде 4,9777 денари за киловат час струја и бележи промена од 0,21%. Трансферирано во тарифниот систем би се рефлектирало со промена од-0,25%“, изјави Димитар Петров, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Од Регулаторна појаснуваат дека продажбата била намалена за 200 гигават часови струја поради излегувањето на слободен пазар на дел од компаниите, но истовремено речиси двојно пораснал откупот на енергија од обновливи извори. Бенефитот од поевтината берзанска цена на струјата ќе го искористат компаниите кои излегле на слободен пазар, вели Петров.
Влијанието на берзанските цени кај тарифните потрошувачи, домаќинствата и малите фирми е занемарливо, вели Петров. Увозот за потребите на регулираните потрошувачи изнесувал 177 гвч, односно само 4,25% од вкупно потрошената струја. Од поделбата на колачот најголем дел 50,7% ќе добива производителот ЕЛЕМ, диструбутерот ЕВН над 44, а операторот 4,83.
Петров појасни дека комисијата прифатила само 14% загуби во дистрибуцијата, а на компаниите им биле прифатени само оние трошоци кои се поврзани со основната дејност.
Свето Николовски
