Рации во Истанбул, притворени 13 луѓе

30.06.2016 17:03

Рации во Истанбул, се трага по осомничените за нападот на аеродромот „Ататурк“. Притворени се 13 – мина, меѓу кои тројца странци. ЦИА со оценка – актот ги има обележјата на Исламска држава...

Широка антитерористичка операција на турската полиција по крвавиот напад на истанбулскиот аеродром во кој загинаа 42 лица, а стотици беа ранети. Уапсени се 13 осомничени. Пронајдени се шифрирани документи и дигитални материјали поврзани со екстремистичка организација.

„Сакам да бидем безбеден кога сум на улица. Ги плаќам сите даноци на оваа држава и сакам војската за возврат да ја гарантира мојата безбедност. Го барам тоа од мојата држава и особено од мојата влада. Додека тие се шетаат со стотици телохранители, судбината на обичниот човек е во рацете на бога“, вели Јавуз Судар, пензионер од Истанбул.

„Длабоко жалиме за нападите. Го гледам нападот како резултат на турските напади за својот напредок. Секако, сите знаеме дека инволвирани се странски сили. Но, се додека се држиме заедно, верувам дека нашата влада ќе победи“, изјави Ердоган Ченгиз,  сопственик на продавница во Истанбул.  

Се верува дека барем еден од тројцата бомбаши-самоубијци е странец. Објавени се и две фотографии од напаѓачите, снимени на аеродромот „Ататурк“, непосредно пред нападот. Локалните медиуми, јавуваат дека еден од напаѓачите е Чеченец. Тој наводно пристигнал во Истанбул пред месец, изнајмил стан за една година, приложувајќи руски пасош за идентификација. Иако, за сега никој не ја презеде одговорноста, но меѓународни експерти тврдат дека сите елементи од нападот упатуваат на Исламска држава.