Олимпизам

Олимписката симфонија на музичката дива

29.01.2014 13:51

Ванеса Меј ја исполни потребната норма за Сочи. На претстојната Олмпијада ќе го претставува Тајланд-секавично оваа вест деновиве го обиколи светот...

„Две љубови се испреплетуваат низ мојот живот. Музиката е мојата животна пасија, а скијањето е моето долгогодишно хоби. Сонувам еден ден да скијам на Зимска олимпијада.“ Ова се зборовите на светски славната виолинистка Ванеса Меј пред повеќе години, во интервју за лондонскиот „Телеграф“.

Кој би помислил дека нежната, 150  и нешто сантиметри висока, навидум кршлива виолинистка, волшебната играчка во своите раце и магичниот музички подиум за момент ќе ги замени со суровите снежни падини.

Ванеса Меј ја исполни потребната норма за Сочи. На претстојната Олмпијада ќе го претставува Тајланд-секавично оваа вест деновиве  го обиколи светот.

Меј учествуваше на четири јуниорски трки во Словенија во кои ги обезбеди неопходните ФИС точки.

Родена е во Сингапур,израсната во Лондон во семејство на татко Тајланѓанец, а мајка Кинеска. Уште многу мала не може да му одолее на волшебниот звук на виолината. Дали е само коинциденција или можеби има  нешто поврзувачко, што е родена на истиот ден кога е роден и Николо Паганини,196 години после него. Обземена е со музиката, но го чувствува времето во кое живее. Релативно брзо класичниот инструмент го заменува  најнапред со акустична виолина, а подоцна и со електрична. Нејзините изведби се комбинација на класична и техно музика. Со 35 години се здобива со светска слава, во моментов е една од најбогатите виолинистки во Велика Британија.

На скии е од својата 4-та година. Вљубена е во скијањето и особено во природата. Најчесто претстојува во Швајцарија во познатиот центар Цермат, во Алпите.Вели, „нема ништо поубаво за мене од утрата во 5 часот кога го пијам првото кафе со поглед на  Матерхорн.“

Наскоро величествениот поглед на алпскиот масив ќе го замени со падините на Кавказ.Ванеса сега пред себе има нови инспиративни, спортски партитури!Тешки се олимписките патеки во Сочи, на кои ќе се натпреваруваат алпинците.Силен е и сосема поинаков предизвикот! И храброста! Но, која е поголемата храброст?

Да се одважиш на 13 годишна возраст да ги свириш виолинските концерти на Бетовен и Чајковски со Лондонската филхармонија,и како најмлад солист да влезеш во книгата на Гинис или да скијаш на падините на Краснаја Пољана?

„Влегов во ризик, тоа не ништо ново во мојот живот“-објаснува  Ванеса.

Вивалди ќе ја води низ  тешката олимписка луња.Нотите од „Ѓаволовиот трилер“ на Тартини  ќе ја водат низ скијачките врати во натпреварувачкиот трилер кој ќе мора да го  мине,за  да стигне на целта и да се поклони пред светот.

Веруваме, радосна и целосно исполнета, бидејќи Олимпијадата сепак е една и единствена.