ЕУ амбасадори

Партиите што поскоро да договорат решение за кризата

01.07.2016 11:52

Загриженост за ситуацијата во Македонија поради отсуството на напредок во спроведувањето на политичкиот договор изразија денеска амбасадорите на земјите- членки на Европската Унија. Нагласена потребата од што побрзо изнаоѓање решение за политичката криза...

Сериозна загриженост за ситуацијата во Македонија поради отсуството на напредок во спроведувањето на политичкиот договор изразија денеска амбасадорите на земјите- членки на Европската Унија. Тие ја нагласија потребата од што побрзо изнаоѓање решение. Мина повеќе од еден месец откако Собранието повторно заседава, рече амбасадорот на Европската Унија, Аиво Орав.

„Обединети сме во потребата политичкото раководство во државата да се ангажира преку отворен дијалог. Партиите треба да се согласат за натамошниот начин за спроведување на договорот од Пржино од 2015 вклучувајќи и создавање услови за веродостојни избори“, изјави евроамбасадорот Орав.

Амбасадорите се загрижени за работата на Специјалниот обвинител. Повикаа да се престане со попречување на работата на СЈО и да му се овозможи целосна поддршка. Орав побара и целосно учество во институциите поради зацврстување на демократијата.

„Повикуваме демократијата да се зацврсти преку целосно учество во институциите, за да се обезбеди демократско функционирање и поголема контрола. Сметаме дека договорот од Пржино е најдобар начин да се извлече земјата од тековната криза. Веруваме дека во интерес на оваа земја и нејзиниот евроатлански пат, главните политички партии да се согласат на заеднички начин за надминување на кризата во наредните денови, а не во неделите или месеците“, рече Орав.

Во последните месеци владеењето на правото претрпе измени вклучувајќи ги помилувањата од претседателот на државата- потенцираат амбасадорите. Владеењето на правото е основно во сериозно демократско општество затоа клучно е спроведувањето на итните реформски приоритети предложени од Европската Комисија, заклучи шефот на ЕУ делегацијата во земјава Аиво Орав.

 

Миле Ристески