Со претставата „Сонети“ завршува битолскиот Шекспир фестивал

01.07.2016 14:49

Претставата „Сонети“, на битолскиот театар вечерва го затвора четвртиот Битола Шекспир фестивал. Годинашново издание ќе биде запаметено и по двата копродукциски проекта на домаќинот со театарски куќи од Русија и од Калифорнија...

Претставата „Сонети“, на домашниот ансамбал вечерва го затвора 4-тиот интернационален Битола Шекспир фестивал. Стонастотната посетеност на деветте фестивалски вечери е доволен показател дека делата на театарските куќи на земјите учеснички ги задоволија вкусовите на публиката.

„Посебно ми се допадна претставата Јулие Цезар на гостите од Америка. Претставата беше привлечна и интересна од сценографски до содржински аспект“, вели еден млад посетител.

„Севкупниот впечаток е одличен, сепак јас се определив за Полскиот театар со куклените претстави“, вели негова пријателка.

Освен по квалитетот на повеќето претстави, годинешново издание ќе остане запаметено и по двата копрудукциски проекти на битолските актери со нивните колеги од Русија и Америка. По премиерното претставување во Битола, претставите „Шекспир засекогаш“ и „Сонети на летната ноќ“, ќе бидат одиграни во Санк Петербург, односно во Калифорнија.

„Во ноември веќе е договорено со Сонетите на летната ноќ, пред американските театрџии да го претставиме копродукцискиот проек, а другиот Шекспир засекогаш, во мај идната година го носиме во Санк Петербург“, вели директорот на битолскиот тетар Валентин Светозарев.

Битолскиот фестивал веќе е препознаен во светот. Обврска повеќе догодина минијубилејот да биде одбележан на уште повисоко ниво.

„Веќе зпочнавме со истражувањето и стапувањето со нови контакти. За мини јубилејот очекуваме да бидиме домаќини на европската конференција на Шекспир фестивалите на која од годинава сме и полноправна членка“, вели уметничкиот директор Благој Мицевски.

Летово ќе нема поголем одмор за битолските актери. Веќе течат подготовките за новата премиера „Три воени другари“, во режија на гостинот од Русија, Александар Баргман работена по делото на Ремарк, а на 31-ви јули со претставата „Сонети“ ќе настапат на Охридското културно лето.

 

Стевче Митревски