Пристаништето во Драч како алтернатива за македонските бизнисмени

01.07.2016 15:26

Во Стопанската комора денеска беа презентирани можностите на пристаништето во Драч. За да го доближи ова пристаниште до македонските компании, Албанија веќе ги подобрува неговите капацитети и патната инфраструктура...

Во услови на штрајкови и нефункционирање на Солунското пристаниште македонските бизнисмените бараат алтернативи. Во Стопанската комора презентирани можностите на пристаништето во Драч, второ, најблиско за потребите на македонското стопанство.

„Во услови кога имавме континуирани блокади, штрајкови и нефункционирање на Солунското пристаниште да се отворат и други можности за компаниите и да им се понудат најновите услови што ги нудат другите пристаништа, рече Билјана Пеева- Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

За да го доближи ова пристаниште до македонските компании, Албанија веќе ги подобрува неговите капацитети и патната инфраструктура. Од менаџментот велат дека нивната цел е да го вратат пристаништето во Драч како едно од главните во регионот.

„Имаме три знајачни проекти, односно продлабочување на базенот на пристаништето, поврзување на пристаништето со железница и отворање на т.н. суво пристаниште“, изјави Газменд Шалси, генерален директор на пристаништето во Драч.

Драч се наоѓа во централниот дел на албанското крајбрежје на 160 километри од македонско-албанската граница. Пристаништето има четири терминали и работи 24 часа.

 

Сунчица Николоска