Стартува владиниот проект „Македонија вработува 2“

01.07.2016 15:44

На државно ниво оваа програма на Македонија и донесе 19.000 нови вработувања, а мерката ја искористија повеќе од 10.000 компании...

Компаниите да ги искористат поволностите од владиниот проект „Македонија вработува 2“ кој ќе овозможи дополнително отворање работни места и намалување на невработеноста, порача премиерот Емил Димитриев при денешната посета на фабриката за кондиторски производи „Милина свитс“, корисник на првата фаза од проектот.

Успешната бизнис приказна на „Милина свитс“, укажа, се разви благодарение на мерката на Владата „Македонија вработува 1“, па така во фирмата од вкупно 18 вработени, 15 лица од различни категории се вработени преку владината мерка.

Само во Штип и штипско преку владиниот проект, како што истакна Димитриев, се вработени 968 лица, во 336 компании.

На државно ниво оваа програма на Македонија и донесе 19.000 нови вработувања, а мерката ја искористија повеќе од 10.000 компании, што значи дека мерката е добро обмислена и дава одлични резултати. Затоа се одлучивме да одиме со нова мерка, „Македонија вработува 2“, која што нуди слични бенефити за компаниите, доста влијаеше на невработеноста и зголемување на бројот на работно анагажирани лица, рече Димитриев.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека  „Македонија вработува 2“ е резултат на успешно спроведениот претходен проект „Македонија вработува“.