100 милиони евра за гасификација на скопскиот регион
Ќе бидат гасифицирани 17 општини во скопскиот регион...

Владата на Македонија најави дека ќе бидат гасифицирани 17 општини од скопскиот регион. Со 100 милиони евра овој проект ќе биде финансиран според принципот на јавно- приватно партнерство.
Гасификационата мрежата треба да биде изградена за пет години, за што е изготвена физибилити студијата.
„Со оваа студија се предвидува до моментот на приклучување на овие региони на дистрибутивен систем за природен гас, тие ќе се снабдуваат со природниот гас преку достава на гасот со цистерни или воз. Снабдувањето со енергија преку дистрибутивни системи за природен гас е енергетски најефикасен начин за снабдување со енергија. При таквото снабдување со енергија, граѓаните, домакинствата и компаниите имаат далеку најмали трошоци. Се ангажираат далеку најамли инвестициони средства, енергијата е оптоварена со најмали оперативни трошоци, дистрибуцијата на енергијата има далеку најмали загуби на енергија и на крај трансформацијата на природниот гас во корист на енергија, на прагот на нејзината потрошувачка се врши со највисок коефициент на енергетска трансформација. Затоа би сакал да истакнам дека ова е многу значаен момент за Република Македонија“, соопшти премиерот Груевски.
Мартин Пушевски
