По Брегзит: Работниците од ЕУ стравуваат за иднината
Според експертите повеќе од сигурно е дека Брегзитот ќе направи потреси и во банкарскиот сектор и на еврото, а небританските граѓани меѓу кои има и Македонци, најверојатно ќе треба да излезат од Британија.

Брегзит отвори многу прашања, не само на политички туку и на економски план. И додека Британците сега брзаат да аплицираат за ирски пасош, нејасно останува што со небританските граѓани кои работат во оваа се уште актуелна членка на ЕУ. Одговор на ова прашање нема и штипјанецот Југослав Стефанов кој со бугарски пасош пред четири години за подобар живот замина од Македонија со својата сопруга. Работи во градежна компанија, но последните случувања повторно го натераа да размислува за своето егзистенцијално прашање.
„После Брегзит немаме најава за било каква ситуација дали ќе останеме или не на работа. Не знаме како ќе биде ако тоа се случи. Не се плашиме од промени на работното место. Секој сака да се заштити со законот и никој нема да оди против тоа. Ако има промени ќе бидеме навреме известени“, вели Стефанов.
Според експертите повеќе од сигурно е дека Брегзитот ќе направи потреси и во банкарскиот сектор и на еврото, а небританските граѓани меѓу кои има и Македонци, најверојатно ќе треба да излезат од Британија. Но, тоа, вели Горан Рафајловски, ќе биде добредојдено за македонската економија ќе дојдат стручни и квалификувани работници.
Според различните толкувања влез за работа ќе се дозволи само врз квалификации. Сепак, Британскиот премиер Камерон изјави дека статусот на државјаните на ЕУ во Велика Британија нема да се промени додека траат преговорите за иднината на британските односи со ЕУ.
„Јас ќе ги убедам пазарите и инвеститорите дека економијата на Велика Британија е фундаментално силна. Исто така ќе ги убедам Британците кои живеат во европските земји, а европските граѓани што живеат тука, дека нема да има итни промени. Нема да има промени во начинот на патување, во начинот на кој нашите производи можат да се движат или начинот на кој нашите услуги ќе може да бидат продадени“, изјави Камерон.
Излегувањето на Британија од ЕУ може да потрае и до две години, дотогаш ќе биде целосно обврзана со принципот на слободно движење со што се овозможува не-британските граѓани на ЕУ да одат и да останат во Велика Британија.
Според податоците од ОН, околу 3,3 милиони не-британски граѓани од ЕУ живеат во Велика Британија. Воглавно се Полјаци, Ирци, Германци, Романци, Бугари и Македонци.
Дијана Ценевска
