Проширувањето на НАТО останува отворено прашање
Земјите членки на претстојниот самит на Алијансата во Варшава треба да испратат сигнал до земјите кандидати дека проширувањето ќе продолжи, оценуваат американски експерти во Вашингтон...

Денеска Европа се соочува со тројна закана од исток, од југ и внатрешно. Масовен прилив на бегалци, тероризам и несигурна иднина на САД во НАТО. Сето ова се заканува да го разурне европското и евроатланското единство, оценуваат американски експерти пред самитот на Алијансата во Варшава.
„Прашањето на проширувањето и завршување на визијата за цела и слободна Европа, останува отворено. НАТО ги отвори вратите оваа година за Црна Гора, прво проширување по Хрватска и Албанија во 2008-та и прво за двата мандати на претседателот Обама. Но што е со останатите земји аспиранти? Самитот треба да даде одговор на ова прашање“, изјави Фредерик Кемп, претседател на Атлантски совет во Вашингтон.
Иако проширувањето нема да биде главна тема на самитот, експертите во Вашингтон оценуваат дека мора да се испрати сигнал до земјите кандидати дека проширувањето ќе продолжи.
„Алијансата е на пресвртна точка. Можеме да избереме да бидеме смели и да ја осигураме нашата заедничка безбедност или да западнеме во страв. Има зголемени гласови за важноста на НАТО. Г-нот Трамп верува дека НАТО е едностран без придонес од сојузниците. Американскиот амбасадор во НАТО не смета дека натамошното проширување е потребно. Верувам дека сега е особено важно да го реафирмираме значењето на проширувањето на НАТО и стабилизирачката улога што ја игра во светот. Сега е време да испратиме сигнал до земјите кандидати“, вели Сали Пеинтер, постар советник на „Блу стар стратеџис“.
Референдумот на Британија за излез од Европската унија покажа дека меѓународните организации се подложни на напуштање од страна на нивните земји членки, што уште повеќе ја акцентира важноста за стабилност на членството на НАТО и продолжување на проширувањето.
„Во случајот со членството на Македонија и на други кандидати како Босна, НАТО не треба да се префокусира на правилата за консензус или подготвеност на земјите, туку да ја согледа геополитичката реалност во Европа и побрзо да ги интегрира. Кревката политичка и економска состојба во овие земји создава безбедносен вакуум што уште повеќе е нарушен од моменталната бегалска криза и тероризмот во Европа“, смета Жикица Паговски, помлад истражувач во НАТО асоцијацијата на Канада.
Една од најголемите придобивки по Студената војна е проширувањето на НАТО, што придонесе за стабилизација во Европа и земјите членки не смеат да го заборават ова, оценуваат експертите.
По излегувањето на Британија од ЕУ, НАТО останува единствената меѓународна организација во која членуваат најмногу европски држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
