Орав: Очекуваме кризата наскоро да заврши
Орав се надева дека утре ќе има состанок на Работната група на сите четири партии и, како што наведе, можеби ќе се тргне напред. Тој не сакаше да ја коментира содржината на меѓупартиските разговори...
Еврокомесарот Аиво Орав денеска изјави дека очекува посетата на специјалниот германски пратеник Јоханес Ханјдл на Македонија да влијае на развојот на настаните околу решавањето на политичката криза и најави оти меѓународната заедница ќе продолжи да го помага процесот.
Се надевам дека оваа посета денеска ќе влијае врз развојот на настаните. Минатата недела јас и амбасадорите на другите членки на ЕУ дадовме изјава и тоа не беше само изјава заради изјава. Сакаме да ги поттикнеме сите страни да постигнат договор во однос на Пржинскиот договор, за жал нема многу позитивни работи да бидат пријавени денеска, изјави Орав по работниот ручек со Хајндл.
Орав, сепак, се надева дека утре ќе има состанок на Работната група на сите четири партии и, како што наведе, можеби ќе се тргне напред. Тој не сакаше да ја коментира содржината на меѓупартиските разговори.
Нашата улога е да ги собереме сите партии заедно и да им помогнеме да го унапредат процесот. Меѓународната заедница има блиски консултации тука и очекуваме дека политичката криза наскоро ќе биде завршена, рече Орав.
Запрашан за тоа како ги коментира посетите на Хајндл и на американскиот помошник државен секретар в понеделник, Орав смета дека е тоа добар развој на настаните.
Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска во Скопје, покрај со преставници на меѓународната зедница, се среќава и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
