Снајперисти убија петмина полицајци во Далас
Вооружени снајперисти убија најмалку петтмина полицајци и ранија шестмина во Далас, Тексас...
Најмалку петтмина убиени и шестмина ранети полицајци во најсмртоносниот напад врз полицијата во САД по терористичките напади на 11-ти септември 2001-та. Двајца од ранетите полицајци се во критична состојба. По тричасовна престрелка, напаѓачот активирал бомба и загинал. Тројца од напаѓачите се уапсени. Нападот се случил за време на одржување на протесниот марш поради убиството на двајца Афроамериканци во Минесота и Луизијана од страна на полицијата. Повредени се и двајца од демонстрантите, маж и жена. Цел на нападот биле полицајците коишто го обезбедувале протестот.
„Осомничениот којшто пукаше во последниве 45 минути им кажа на преговарачите дека крајот доаѓа и дека ќе повреди и убие повеќе од нас, мислејќи на полицајците, и дека има бомби насекаде во гаражата и центарот на градот“, изјави Дејвид Браун-шеф на полицијата во Далас.
Според полицијата, нападот бил организиран и координиран, а снајперистите очигледно имале воена обука. Во истрагата се вклучени и ФБИ и АТФ. Мотивите се уште не се утврдени дали се одмазда за убиството на двајцата Афроамериканци или терористички акт. Протестот во Далас, како и во неколку американски градови бил мирен и речиси пред завршување кога започнала заседата врз полицајците. Минатиот вторник, Афроамериканецот Алтон Стерлинг беше смртно застрелан во Батон Руж, а помалку од 48 часа подоцна и Филандо Кастил во Минесота.
По нападот врз полицајците во Далас, подигнато е нивото на безбедност во американските градови како превенција на евентуални нови напади.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
