Мицајков вон затвор поради боледување

29.01.2014 15:58

Тони Мицајков не избегал од затворот Идризово, тој само не се вратил по истекувањето на прекинот...

Тони Мицајков не избегал од затворот Идризово, тој само не се вратил по истекувањето на прекинот на издржување на казната од еден месец, тврди за МТВ директорот на оваа казнено поправна установа, Живко Пејковски.  Прекинот му бил овозможен од управата за извршување санкции поради лекување, па веројатно тој престојувал и дома и во болница. Заминал од затворот на 31-ви август , а требал да се врати на 1-ви октомври минатата година, но тој не го сторил тоа.

„Ние на 2-ри октомври, според законот за извршување на санкции поднесовме известување до основниот суд Скопје 1 и до Управата за извршување на санкции за неговото невраќање и понатамошно постапување“, вели директорот на казнено поправниот дом Идризово, Живко Пејковски.

Пејковски нема никаква информација за Мицајков, но очекува судот да постапи според информацијата на затворот стара неколку месеци.

Мицајков ја злоупотребил дозволата за прекин од Управата. По неговото враќање најверојатно ќе следат мерките коишто се пропишани со правилникот, како самица и некористење на поволности.

Можно е сепак тоа да не му се случи на поранешниот директор на Тутунски комбинат Прилеп, осуден на казна затвор од пет години, бидејќи според Кривичниот суд тој од 2-ри јануари годинава користи нов прекин. Му го овозможил судијата за извршување санкции до 2-ри април , ама го задолжил на секои триесет дена да доставува медицинска документација заради проверка на неговата здравствена состојба. Според судот не е незаконски што  Мицајков бил три месеци надвор од затворот без решение за прекин, зашто постојано барал одложување или прекин на  издржувањето на казната затвор. 

Фиљана Кока