Прв ден од конвенцијата на Републиканците, силна поддршка за Трамп
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп доби силна поддршка на првиот ден од конвенцијата во Кливленд, Охајо. Ескпертите оценуваат дека по конвенцијата тој ќе ја обедини партијата пред изборите во ноември.

Безбедноста на Соединетите Американски Држави беше главна тема на првиот ден од конвенцијата на Републиканската партија во Кливленд, Охајо. Претседателскиот кандидат на Републиканците Доналд Трамп е единствениот лидер којшто може да ја направи Америка повторно безбедна, е пораката што ја испратија истакнати Републиканци. Главен говор одржа сопругата на Трамп, Меланија.
„Доналд никогаш немал скриена агенда кога станува збор за неговиот патриотизам, бидејќи како мене, многу ја сака оваа земја“, изјави Меланија Трамп, сопруга на претседателскиот кандидат Доналд Трамп.
Конвенцијата ја отворија многу поддржувачи од Тексас, меѓу кои и единствениот преживеан ветеран Маркус Латрел.
„Зборувам за работи од искуство. Имав можност да го сретнам Трамп и тој разбира што е потребно да се поправи статусот на ветераните. Единствен начин да ја осигураме Америка е со елитна војска“, рече Латрел.
Семејствата на загинатите Американци во Бенгази истакнаа зошто Хилари Клинтон не смее да стане претседател.
„Трамп ќе ја направи Америка посилна, а не послаба. Целава кампања се сведува на едно прашање. Ако Хилари Клинтон не ни ја дава вистината, зошто ние да и го дадеме претседателството?“, изјави Патриша Смит, мајка на загинатиот Шон Смит во Бенгази.
Трамп доби поддршка од поранешниот градоначалник на Њујорк, поранешниот гувернер на Тексас, гувернерот од Њу Џерси, сенатори, конгресмени, ветерани, религиозни лидери и филмски ѕвезди.
Мерките на безбедност на конвенцијата на Републиканската партија во Кливленд, Охајо се зголемени по последните напади врз полицајците и најавите за демонстрации.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
