Претседателот Иванов додели медали за заслуги на нашинци од дијаспората
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во вилата „Билјана“ во Охрид, на свечена церемонија одликуваше со медал за заслуги за Македонија четворица припадници на македонската дијаспора, а признание „Повелба на Република Македонија“ доби Македонскиот сојуз во Кралството Шведска. Медалите и признанието треба да бидат поттик за нивна поблиска соработка со матичната држава во сите сфери на живеењето.
Живееме во време на длабока политичка криза, кога македонскиот јавен простор е преплавен со зборови на безнадежност, цинизам и омраза. Токму поради тоа ни се потребни зборови на добрина, надеж и љубов. А, кој владее подобро со зборовите отколку поетот, кој е слуга на својот јазик. Ова на свечената церемонија го рече Претседателот, Ѓорге Иванов, врачувајќи им ги медалите за заслуга за Македонија на четворица наши сонародници од дијаспората, од кои двајца се поети. Признание „Повелба на Република Македонија“ доби Македонскиот сојуз во Кралството Шведска.
„Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Многу пати имам истакнато дека вие успешните поединци и организации од дијаспората сте наши амбасадори на полето на културата, образованието, науката, добротворството. Секој ваш успех е успех на Македонија“, изјави претседателот Иванов.
Добитниците на медалите истакнаа дека и во иднина ќе работат на зачувување на историските, духовните и културните вредности на Македонија и на нејзиното афирмирање во светот.
„Македонија ја чувствуваме затоа што сме постојано во контакт со сите медиуми, пишувани и електронски. Македонија е во срцата на сите нас, со неа сме секојдневно и со неа ги делиме и болките и радостите“, изјави Лилјана Стоилкова Андоновска -поетеса од Шведска.
Доделувањата на медалите и повелбата се очекува да бидат поттик за продлабочување на соработката на македонската дијаспора со својата матична држава.
Сашо Нелоски
