ММФ: Македонија ќе нема последици од Брегзит
Излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија го намали економскиот раст во Европа. Македонија според експертите на ММФ, нема да има поголемо влијание од британското напуштање на Унијата.

Развиените економии и земјите членки на Европската Унија ќе имаат намален економски раст оваа година поради излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата. Според најновиот преглед на Меѓународниот Монетарен Фонд, економскиот раст во светот ќе биде 3,1 проценти оваа година, а 3,4 проценти наредната година. Македонија нема да има значително влијание од британското излегување од ЕУ, и дури нејзината валута малку ќе профитира поради ослабувањето на еврото, оценуваат од ММФ.
„Ќе има некои последици поради намалувањето на економскиот раст во ЕУ. Еврото е нешто послабо, и тоа може да биде плус за валутите што се поврзани со еврото. Генерално ефектите за Македонија нема да бидат големи, но дефинитивно ќе видиме нешто“, изјави Мори Обстфелд, економски советник и Директор на одделот за истражување на ММФ.
Најголем негативен ефект од британското излегување од ЕУ ќе има британската економија.
„Природно, најголемите ефекти од Брегзит се за Обединетото Кралство. Тие исто така влијаат на Европа во значително ниво. Но нашите проекции за другите делови од светот се под мало влијание од Брегзит. И покрај нерамномерната распространетост низ регионите во светот, нашата генерална проценка за намален економски раст е осредна, а ефектите од Брегзит се бенигни“, смета Обстфелд.
ММФ предвидува намалување на инвестициите во Европа и во Африка, и минимално негативно влијание во Кина, Бразил и Јапонија. Најновиот преглед на економскиот раст во светот не ги вклучува последиците од ситуацијата во Турција по турската економија.
Ситуацијата во Турција, бегалската криза и најновите терористички напади во Европа, ќе имаат влијание на економскиот раст идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
