Четврти инцидент во Баварија, едно лице загина во експлозија

25.07.2016 10:30

Четврти инцидент во Баварија. Во експлозија во Ансбах загина едно лице. 27- годишен Сириец се разнесе откако не му дозволиле влез на музички фестивал...

Министерот за внатрешни работи на Баварија Јоаким Херман изјави дека 27-годишен Сириец ја предизвикал експлозијата во ресторанот во Ансбах. Тој загинал, а повредил 12-мина, од кои тројца се во критична состојба. Напаѓачот имал бомба во ранец која експлодирала откако му бил забранет влез на музичкиот фестивал кој се одржувал во близина. Мотивите за нападот се непознати. По експлозијата беа евакуирани над 2000 луѓе.

„Дизајнот на експлозивот, ранецот со метални делови кои можеа да убијат или повредат уште повеќе луѓе, не наведуваат да заклучиме дека се работи за исламистички напад. Но, мора да спроведеме темелна истрага за да го разјасниме ова“, изјави Јоаким Херман, министер за внатрешни работи на Баварија.

Лани му бил одбиен азилот во Германија, а два пати претходно се обидел да се самоубие. Херман нагласи дека и покрај одбиенот азил, напаѓачот смеел да остане во земјата поради војната во Сирија.

Последниот инцидент само ја зголемува тензијата кон канцеларката Ангела Меркел која ги отвори вратите за милиони бегалци во Германија.

Во последниве четири дена ова е четврти инцидент во Германија. Најјужната и најбогатата германска покраина Баварија беше погодена од три сериозни инциденти. Покрај експлозијата во Ансбах, во првиот инцидент 17-годишен бегалец од Авганистан со секира нападна и повреди неколку луѓе во воз, а во вториот што се случи во петокот психички нестабилен Германец со иранско потекло уби девет и повреди 16 посетители во трговски центар во Минхен.

21-годишен Сириец во градот Ројтлинген во покраината Баден Виртенберг со мачета уби една жена и повреди двајца други луѓе пред да биде уапсен.