Еден загинат и најмалку 12 повредени во нападот во Ансбах

25.07.2016 13:19

Четврти инцидент во Германија. Во експлозија во Ансбах загина едно лице. 27-годишен Сириец се разнесе откако не му дозволиле влез на музички фестивал...

Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман изјави дека 27-годишен Сириец ја предизвикал експлозијата во ресторанот во Ансбах. Тој загинал, а повредил 12-мина, од кои тројца се во критична состојба. Напаѓачот имал бомба во ранец која експлодирала бидејќи му  забраниле да влезе на музичкиот фестивал кој се одржувал во близина. Мотивите за нападот се непознати. По експлозијата беа евакуирани 2.500 луѓе.

„Дизајнот на експлозивот, ранецот со метални делови кои можеа да убијат или да повредат уште повеќе луѓе, не наведуваат да заклучиме дека се работи за исламистички напад. Но, мора да спроведеме темелна истрага за да го разјасниме ова“, изјави Јоаким Херман, министер за внатрешни работи на Баварија.

Лани на напаѓачот му бил одбиен азилот за Германија, а два пати претходно се обидел да се самоубие. Херман нагласи дека и покрај одбиенот азил, напаѓачот смеел да остане во земјата поради војната во Сирија. Последниот инцидент само го зголемува револтот кон канцеларката Ангела Меркел која ги отвори вратите за милиони бегалци во Германија.

Ова е четврти инцидент во најјужната и најбогатата германска покраина Баварија. 17-годишен бегалец од Авганистан со секира нападна и повреди неколку луѓе во воз. Психички нестабилен Германец со иранско потекло уби девет и повреди 16 посетители во трговски центар во Минхен. 21-годишен Сириец во покраината Баден Виртенберг со мачета уби една жена и повреди двајца други луѓе пред да биде уапсен.

Цивилното население беше цел на напад и во Франција. Во пукотници на тинејџерска забава на Флорида загинаа двајца, а 15-мина се повредени.  Очевидци велат дека слушнале 30-тина истрели кои веројатно биле од различни оружја. Полицијата интервенираше на две локации, но не потврди дали станува збор за координирани напади. Засега е приведен еден осомничен. Пред 6 недели во геј клуб на Флорида вооружен напаѓач од редовите на џихадистите од Исламска држава усмрти 49 луѓе. 

Поради зголемената закана од напади на глобално ниво, Австралија воведува неограничен притвор за осудените екстремисти доколку сметаат дека се опасни откако би биле ослободени.

„Мерките треба да го сузбијат тероризмот, да ја убедат нацијата дека е безбедна и дека секој австралијанец може да живее нормално и слободно. Превентивните мерки по ослободувањето треба да ги освестат затворениците да не се навраќаат кон екстремистички операции“, изјави Малколм Турнбул, премиер на Австралија.

Неограничениот притвор ќе вклучува и медицински и психолошки проценки, како и детали за поведението на осуденикот за време на затворската казна.

„Со новите правила, бившите затвореници ќе може да се рехабилитираат зашто постои ризик од продолжување на притворот доколку покажат знаци за потенцијална вмешаност во терористички акт“, изјави Џорџ Брендис, јавен правобранител на Австралија.

Австралија го зголеми нивото на безбедност уште во 2014 година поради напади од поедници, како оној во Сиднеј во кој загинаа и напаѓачот и двајцата заложници.