Потпишани дополнителни договори за кривични дела и екстрадиција меѓу Македонија и Италија

25.07.2016 14:58

Министрите за правда на Македонија и на Италија, Џафери и Орландо, потпишаа дополнителни билатерални договори за европските конвенции за меѓусебна правна помош во кривичните предмети за екстрадиција. Велат дека соработката меѓу двете земји е одлична, а со овој договор таа се зацврстува. Македонија досега има склучено вакви договори со 5 земји...

Македонија досега барала екстрадиција од Италија и случаите биле навремено завршени, додека пак Италија сѐ уште не побарала Македонија да екстрадира некој нејзин државјанин. Со дополнителните билатерални договори кон европските конвенции за меѓусебна правна помош во кривичните предмети и за екстрадиција кои ги потпишаа Италија и Македонија се олеснува примената на веќе склучените договори за есктрадиција меѓу овие две земји.

Според министерот за правда на Италија, од основно знaчење во време на тероризам, организиран криминал и на трговија со луѓе, земјите да се организираат на начин да можат да се борат против овие појави.

Македонија досега има склучено договори за екстрадиција со пет држави, а во тек се разговори за склучување вакви договори и со други држави и од регионот и од ЕУ.

Во моментов државава бара екстрадиција за десет лица од различни држави.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска