Чистка и во „Туркиш Ерлајнс“- отпуштени над 100 вработени
Смените беа извршени синоќа откако било утврдено дека дел од вработените биле поврзани со проповедникот Фетулах Ѓулен...

Турската државна авиокомпанија „Туркиш Ерлајнс“ отпушти над сто вработени, меѓу кои и членови на Управата како последица на неуспешниот обид за воен удар во земјата што се случи на 15 јули. Смените беа извршени синоќа откако било утврдено дека дел од вработените биле поврзани со проповедникот Фетулах Ѓулен. Турските власти издадоа и налози за апсење на 42 новинари.
Според информациите на списокот се наоѓа познатата коментаторка и поранешна пратеничка во турскиот парламент, Назли Илиџак. Ројтертс потсетува дека турските власти уапсија и водат истрага за повеќе од 60.000 војници, полицајци, судии, образовен кадар, државни службеници и други лица за кои постои сомнеж дека се приврзаници на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен. Турција укина и затвори многу институции и уапси и отпушти многу луѓе за кои се верува дека имаат врска со неуспешниот пуч.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу најави дека поради пропаднатиот воен удар ќе отстрани од функција и некои амбасадори. Чавушоглу изјави и дека евентуалното одбивање на САД да го испорачаат опозицискиот исламски свештеник Ѓулен ќе им нанесе штета на односите меѓу Анкара и Вашингтон, и додаде дека за време на претстојната посета за тоа ќе разговара со американските власти.
Официјална Анкара смета дека Ѓулен кој доброволно живее во прогонство во САД уште од 1999 година е одговорен за неуспешниот воен преврат во Турција. Вашингтон побара јасен доказ од Анкара за вмешаноста на свештеникот во обидот за пуч, а адвокатите велат дека процесот за екстрадиција би можел да трае со години.
Во меѓувреме, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека Турција не е во ситуација набргу да стане членка на ЕУ и дека сите преговори за нејзиното приклучување ќе бидат итно прекинати, доколку повторно ја воведе смртната казна.
Инаку вредноста на турската лира денеска се зголеми за над еден процент, во услови кога пазарите зазадрвуваат по неуспешниот пуч.
Марина Автовска
