Германија на удар: Четири напади за една седмица

25.07.2016 15:47

По убиствата, Германија ја потресе бомбашки напад. Мигрант од Сирија се разнел за време на музички фестивал во Ансбах. Повредени се 12 лица, тројца критично. Четврти напад во земјата за една недела...

Министерот за внатрешни работи на Баварија Јоаким Херман изјави дека 27-годишен Сириец ја предизвикал експлозијата во Ансбах. Тој загинал, а повредил 12-мина. Напаѓачот имал бомба во ранец која експлодирала бидејќи му  забраниле да влезе на музичкиот фестивал кој се одржувал во близина. Мотивите за нападот се непознати.

„Дизајнот на експлозивот, ранецот со метални делови кои можеа да убијат или да повредат уште повеќе луѓе, не наведуваат да заклучиме дека се работи за исламистички напад“, изјави Јоаким Херман, министер за внатрешни работи на Баварија.

Лани на напаѓачот му бил одбиен азилот за Германија, но смеел да остане во земјата поради војната во Сирија. Двапати претходно се обидел да се самоубие. Последниот инцидент само го зголемува револтот кон канцеларката Ангела Меркел која ги отвори вратите за милиони бегалци во Германија. Граѓаните сметаат дека состојбата почнува да ескалира.

„Дознав дека експлозивот бил во ранец. По инцидентите во Минхен, Ројтлинген, ова веќе станува опасно. Ансбах е мало место, не очекувавме вакво нешто“, вели Томас Дебински, очевидец.

„Слушнавме детонација и се исплашивме. Луѓето почнаа да трчаат кон нас. На спасувачките тимови им кажавме за фестивалот што се одржуваше во близина“, вели Кристијан Хартдек, очевидец.

Ова е четврти инцидент во Германија. Малолетник од Авганистан со секира повреди патници во воз. Германец со иранско потекло уби девет и повреди 16 посетители во трговски центар во Минхен. 21-годишен Сириец во Ројтлинген со мачета уби жена и повреди двајца. За разлика од другите инциденти, последниот не се поврзува со џихадистите.

„Имаме докази дека станува збор за љубовна одмазда. Засега ништо не укажува на убиство предизвикано од верски уверувања или тероризам“, изјави Свен Ханјц, портпарол на полицијата.

Поради зголемената закана од напади на глобално ниво, Австралија воведува неограничен притвор за осудените екстремисти доколку сметаат дека се опасни откако би биле ослободени.

„Мерките треба да го сузбијат тероризмот, да ја убедат нацијата дека е безбедна и дека секој австралијанец може да живее нормално и слободно“, изјави Малколм Турнбул, премиер на Австралија.

Воведени се и медицински и психолошки проценки, како и проценки на поведението на осуденикот за време на затворската казна.

„Со новите правила, бившите затвореници ќе може да се рехабилитираат зашто постои ризик од продолжување на притворот доколку покажат знаци за потенцијална вмешаност во терористички акт“, изјави Џорџ Брендис, јавен правобранител на Австралија.

Австралија го зголеми нивото на безбедност уште во 2014 година поради напади од поедници, како оној во Сиднеј во кој загинаа и напаѓачот и двајцата заложници.