Висок УВ индекс: Да се избегнува директна изложеност на сонце
Високите температури носат и висок УВ индекс- зраците продрираат и низ облаците. Лекарите со апел- граѓаните да избегнуваат директна изложеност на сончевите зраци кога тие се најсилни, а кожата да се заштити со лесна памучна облека и крем за сончање. Дел од граѓаните ги почитуваат препораките и дејствуваат превентино...

УВ зрачењето денеска достигна индекс 8. Кога е сончево оваа вредност за неколку минути може да предизвика изгореници по телото на луѓето со светла кожа- предупредуваат лекарите. Дел од граѓаните дејствуваат превентино:
„Денеска времето не е сончево, инаку носам шешир или капа, бегам под сенка, се ладам со ладна вода, пијам многу течности.“
„Јас не се заштитувам, јас го барам сонцето.“
„Штом грее сонцето, носам чадор. Инаку вака одам облечена.“
„Капа ставам, друга опрема немам, обично како и секогаш се облекувам.“
При силен УВ индекс, зраците можат да продрат и низ чадорот за сонце. На плажа, лекарите велат, граѓаните да избегнуваат директна изложеност на сончевите зраци кога тие се најсилни, во периодот од 10 до 16 часот. Кожата да се заштити со лесна памучна облека и крем за сончање. Што доколку се случат изгореници?
„Доклку носат со себе соодветна терапија, ние препорачуваме кортикостероидни креми, би било најдобро тие да се нанесат, нормално и барем неколку дена да не се престојува на сонце. Треба да внимаваме и од рефлексијата на сонцето, од водата, од песокот и чадорите под кои седиме немаат заштита имаат само привидна заштита“, вели д-р спец. Нашата Јаковлевиќ- дерматолог, Клиника за кожни болести.
Најчесто кожниот карцином се поврзува со високото ув зрачење. И на клиниката за кожни болести е во пораст бројот на дијагностицирани меланоми.
Лекарите предупредуваат особено да внимаваат младите лица и оние со чувствителна кожа затоа што кај нив негативниот ефект УВ зрачењето е дури за четири пати посилен.
Андријана Атанасовска
