Силна поддршка за Хилари Клинтон на Демократската конвенција
Соединетите Американски Држави се веќе најдобрата држава во светот, кои под претседателство на Хилари Клинтон ќе станат уште подобри, е пораката што од конвенцијата на Демократската партија во Филаделфија, ја испратија првата дама на САД, сенатори, противкандидатот Берни Сендерс, филмски и музички ѕвезди...

На Соединетите Американски Држави им е потребен стабилен претседател, којшто не се прави избрзани одлуки и не се откажува од целта. Само на еден кандидат би доверила да одлучува за иднината на моите деца, изјави првата дама Мишел Обама на првиот ден од демократската конвенција во Филаделфија, Пенсилванија.
„Овој ноември кога ќе одиме на гасање ќе одлучуваме, не за демократ или за Републиканец. На овие избори ќе одлучуваме кој ќе ја има моќта да ја обликува иднината на нашите деца во наредните 4 или 8 години“, рече Мишел Обама, прва дама на САД.
На првиот ден од конвенцијата на Демократската партија претседавачот на Демократскиот национален комитет Деби Шулц поднесе оставка поради објавувањето на имејлови на Викиликс за пристрасна поддршка на Хилари Клинтон во прелиминарните избори. Сенаторот Берни Сендерс беше изсвиркан изутринава од своите поддржувачи бидејќи побара од нив да не демонстрираат за време на конвенцијата.
„Да почнам со благодарност кон стотиците илјадници Американци кои активно ја поддржуваа кампањата“, изјави Берни Сендерс- сенатор од Вермонт.
Хилари Клинтон ќе се бори за имигрантите, работниците, подобро образование на младите, контрола на оружјето, против климатските промени, истакнаа говорниците коишто остро го нападнаа кандидатот на Републиканците Доналд Трамп.
„Америка е исправена пред избор за нов претседател. Од една страна е човек којшто налседил богатсво од таткото, и напредувал со мамење на луѓе и избегнување долгови. Човек којшто никогаш не жртвувал ништо за некого, и е загрижен само за себе. Од друга страна е една од најпаметните, насилна и одлучна жена, која се бори за децата, жените, здравствена заштита, , човекови права. Жена која се бори за сите нас“, нагласи Елизабет Ворен- сенатор од Масачусетс.
„Клинтон цел живот се бори за сите Американци, од здравствена реформа, еднакви плати за жените, безбедност од оружје, заштита на економијата. Таа е најквалификуваниот претседателски кандидат досега“, изјави филмската ѕвезда, Ева Лонгорија.
Доналд Трамп води во најновата анкета пред Хилари Клинтон, па целта на демократите на оваа конвенција е да го обноват единството на партијата и да застанат зад демократскиот кандидат на изборите наесен.
Хилари Клинтон има двапати повеќе донации за кампањата од Доналд Трамп.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
