Ердоган: Народот бара враќање на смртната казна

26.07.2016 12:47

Европските и американските лидери неколкупати ја предупредија Анкара да не презема таков чекор за да не ги загрози позицијата во НАТО и преговорите за членство во ЕУ...

Во интервју за германска телевизија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повтори дека народот бара враќање на смртната казна, а тоа барање мора да го исполнат оние што го водат. Европските и американските лидери неколкупати ја предупредија Анкара да не презема таков чекор за да не ги загрози позицијата во НАТО и преговорите за членство во ЕУ.

„Само во Европа и во земјите-членки нема смртна казна. Речиси насекаде во светот постои. Стоиме веќе 53 години пред вратите на унијата, а одамна ја укинавме смртната казна. Но, сега е поинаку. Ако сме демократија, кој е главен? Народот, се разбира. А што велат турските граѓани? Бараат да се врати смртната казна. Ние, како влада, мора да ги слушаме. Ние не велиме „не“- вели Ердоган.

„Анкара ќе го исполни ветеното во договорот за мигрантите потпишан со ЕУ“, нагласи Ердоган, обвинувајќи ја другата страна потписничка за непочитување на обврските што произлегуваат од спогодбата. Според договорот, Унијата треба да и праќа помош на Турција која е обврзана да го спречи бегалскиот бран кон Грција. Обновување на пристапните преговори и укинување на визниот режим за турските државјани се исто така точки во спогодбата.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека, и покрај ситуацијата во Турција, не треба да се донесуваат избрзани решенија. Во интервју за виенскиот весник „Стандард“, Хан нагласи дека е добро што ОБСЕ планира да го набљудува судењето против осомничените за обидот за воен преврат.

Премиерот на Турција Бинали Јилдирим најави промени. Босфорскиот мост ќе биде преименуван во „Мост на мачениците од 15 јули“.

„Работиме на уставни регулативи со другите партии за да се отстранат негативните последици за системот. Сакаме да создадеме нов устав. Генералната команда на полицијата и на крајбрежната полиција ќе биде под надзор на министерството за внатрешни работи“, изјави премиерот Јилдирим.

На 9 август Ердоган ќе го посети Санкт Петербург, за да ги нормализира односите со Русија, кои беа нарушени откако турското Воено - воздухопловство лани урна руски авион над територијата на турско-сириската граница.