Продолжува чистката во Турција

26.07.2016 14:52

Продолжува чистката на Ердоган. Двајца турски генерали се уапсени во Дубаи при обид за бегство. Турција ги бара за вмешаност во неуспешниот обид за пуч. Премиерот Јилдирим најави нов устав и преименување на Босфорскиот мост.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини Европската унија дека не ги исполнува обврските од договорот за бегалската криза. Во интервју за германска телевизија, повтори дека народот е тој што бара враќање на смртната казна.

„Само во Европа и во земјите-членки нема смртна казна. Постои речиси насекаде во светот. Стоиме веќе 53 години пред вратите на Унијата, а одамна ја укинавме смртната казна. Но, сега е поинаку. Ако сме демократија, кој е главен? Народот, се разбира. А што велат турските граѓани? Бараат да се врати смртната казна. Ние, како влада, мора да ги слушаме. Ние не велиме „не“, изјави Ердоган.

Премиерот на Турција Бинали Јилдирим најави промени. Меѓу нив, и преименување на Босфорскиот мост во „Мост на мачениците од 15 јули“.

„Работиме на уставни регулативи со другите партии за да се отстранат негативните последици за системот. Сакаме да создадеме нов устав. Генералната команда на полицијата и на крајбрежната полиција ќе биде под надзор на министерството за внатрешни работи“, изјави Јилдирим.

Ќе биде распуштена и елитната претседателска гарда зашто 300 нејзини членови завршија зад решетки. Чистката продолжува и во министерството за надворешни работи и во Управата за верски работи. На аеродром во Дубаи се уапсени двајца генерали на турските сили во Авганистан кои се обиделе да побегнат поради сомнеж за вмешаност во обидот за пуч.

На 9 август во Русија, Ердоган ќе се сретне со претседателот Путин со кого ги нормализираше односите откако испрати писмо со извинување за соборувањето на рускиот авион над сириската граница.