53 години од скопската трагедија
И по повеќе од пет децении, не избледуваат сликите од ужасот што го погоди Скопје. 26 јули 1963-та, 5 часот и 17 минути – датум и време кои Скопјани не сакаат да се повторат никогаш...

Наместо во изгрејсонце градот се разбуди во рушевини. И после 53 години јулскиот ужас, останува белег во душите на илјадници поколенија.
„Морам да признаам, долги години поминаа- јас се трудев потсвесно да не се сеќавам на тој момент“, вели Мојсо Мојсовски.
Порталот на учителската школа како жив споменик го затреперува срцето до болка. Потсетува дека за миг овде престанал детскиот џагор, маалските дружби, боемските вечери.
„Вечерта се прибравме наспроти Нова Македонија, во паркчето, за да не спиеме во урнатини. Тогаш почнаа со камиони да носат што ранети, што жртви, да ги ностат во Клиничкиот центар. Цела ноќ тоа беше врвулица“, се сеќава Мојсовски.
Нашиот соговорник памети дека сигналот на Македонското радио по препознатливата мелодија на „Абре Македонче“ му дојави на светот за трагедијата. Солидарноста, космополитизмот беспоштедно дојдоа до израз.
„Имаше луѓе од секаде дојдени да помогнат, после читавме дека луѓе се пријавувале од цела Југославија да дадат крв, доаѓале луѓе да работат, војската да откопува. За прв пат после години од Студената војна, на исто место се најдоа најсилните спротивставени армии, со цел да му помогнат на Скопје“, вели Мојсовски.
Паметникот денес, пред 53 години бил привременото живеалиште на сега брачниот пар Врзоп од Шибеник.
„Кога би го почувтсвувале моето срце тоа би ви кажало сѐ“, вели Орхидеја Врзоп-Шибеник.
Со солзи во очите ни раскажаа за еланот и пожртвуваноста за да му се помогне на Скопје да се крене од пепелта.
„Имаше многу монтажни објекти кои пристигнуваа од сите страни на светот, а за нив требаше да се подготват темели за да можат брзо да се монтираат. Нашето раководство беше сместено во зградата на Идадија, а работгниците на ѕидовите ги запишуваа сите земјотреси и нивната јачина“, се сеќава Бошко Врзоп, архитект од Шибеник.
Градот убав пак ќе никне- остана како ехо, своевидна химна за триумфот на човештината и хуманоста.
Фиљана Кока
