Мигранти штрајкуваат со глад на границата меѓу Србија и Унгарија
Мигрантите, главно од Авганистан и Пакистан најавија дека не сакаат да одат во импровизираниот камп, додавајќи дека ќе останат тука до следната одлука и ќе пијат само вода, со цел да привлечат внимание на состојбата на бегалците во целиот свет.

Околу 120 мигранти штрајкуваат со глад на граничниот премин Хоргош, на границата меѓу Србија и Унгарија, соопшти државниот секретар во српското Министерство за труд и социјална политика, Ненад Иванишевиќ, посочувајќи дека веќе им е кажано дека немаат никаква шанса да добијат азил во Унгарија.
Мигрантите, главно од Авганистан и Пакистан најавија дека не сакаат да одат во импровизираниот камп, додавајќи дека ќе останат тука до следната одлука и ќе пијат само вода, со цел да привлечат внимание на состојбата на бегалците во целиот свет.
Својот протест тие го нарекуваат „Мирен марш“, нагласувајќи дека не се криминалци и очекуваат Унгарија да ги отвори границите за нив.
Во петокот околу 300 мигранти тргнаа пеш од Белград кон границата со Унгарија. Некои од нив се откажаа патем, а други поминаа дел од патот со воз или автобус.
