Номинација за Клинтон- пресвртница во историјата на САД
Хилари Клинтон ја пишува американската историја. Некогашната поранешна прва дама и официјално стана прва-жена кандидат за претседател на САД. Со освоени 2.383 гласa на делегатите стана претседателски кандидат на Демократската партија- една од најголемите политички партии во земјата...

Демократската партија ја номинираше Хилари Клинтон, поранешната државна секретарка од Њујорк и поранешната прва американска дама за своја кандидатка на американските претседателски избори, со што таа стана првата жена во американската историја која е кандидат од голема партија за претседател на државата. Подршка доби и од својот противкандидат, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс.
„Полесно е да се напаѓа некого, потешко е да ги погледнете во очи вашите деца кои би живееле со претседател како Доналд Трамп“, рече Сандерс.
Клинтон ја има поддршката и од сопругот бил, поранешен претседател на САД, кој порача дека таа е вистинскиот избор за Белата Куќа, додавајќи дека таа е „најдобриот создавач на промени којшто некогаш го сретнал“. Со гласовите од Јужна Дакота, Клинтон го мина прагот од 2.383 гласови потребни за Демократската претседателска номинација.
Во своето обраќање преку видео врска од Њујорк, им порача на младите жени дека таа можеби ќе биде првата жена претседател, но дека некоја од нив ќе биде следната.
„Поради Хилари Клинтон, моите ќерки, сите наши ќерки и синови сега земаат здраво за готово дека жена може да биде претседател на САД“, изјави првата дама на САД, Мишел Обама.
Номинацијата на Клинтон е пресврт во 240 годишната историја на САД. Жените во оваа земја правото на глас го добија во 1920 година.
Хилари Клинтон на 8 ноември ќе си ги одмери силите со републиканскиот кандидат Доналд Трамп, со кого, според анкетите се изменуваат во водството со два до три проценти од гласовите.
Марина Автовска
