Чистката во Турција продолжува, притворени 47 новинари

27.07.2016 12:33

Продолжува чистката на Ердоган. Притворени се 47 новинари поврзани со имамот Ѓулен. Премиерот Јилдирим упати критики кон американските власти за неговата екстрадиција. Истанбул отвори посебна гробница за загинатите пучисти...

Во најновата серија апсења на турскиот претседател Ердоган се опфатени 47 новинари. Поврзани се со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за преврат, извршен од фракција во Армијата со цел да бидат соборени од власт претседателот и неговата Партија на правдата и развојот. Некогашниот сојузник на Ердоган ги негира обвинувањата.

Премиерот Бинали Јилдирим е незадоволен од ставот на САД кон екстрадицијата на имамот.

САД постојано бараат документи. Што уште им треба кога веќе имаат напад во кој загинаа 265 луѓе, бомбардирање од авиони и тенкови? Доказите се јасни. Имаме и изјави од осомничени кои велат дека наредбата за пуч стигнала од имамот“, вели Јилдирим.

Властите во Истанбул одлучија загинатите пучисти да бидат погребани на посебна локација на азиската страна на градот. Во местото Балика веќе е поставена табла со натпис „Гробница на предавниците“.

Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули. Војската зазеде клучни позиции во Истанбул и во Анкара. Неуспешен беше и обидот да се заземe зградата на Владата, како и претседателската палата која отсега ќе ја обезбедуваат системи за противракетна одбрана. Во немирите загинаа 246 луѓе, а над 2.000 беа ранети.