Повеќе ред за посетителите на Зоолошка
Тивко е во Зоолошката градина....

Тивко е во Зоолошката градина. Животните како да го чувствуваат отсуството на жирафата Орка. Зимските денови ги минуваат претежно во затворениот дел од нивните живеалишта. Некои, пак, уживаат во ниските температури, студот не го пробива дебелото крзно. Грејните тела во внатрешниот дел од живеалиштата се вклучени уште во ноември, и се приспособени на животното. Вработените велат дека исхраната во овој период од годината е збогатена во зависност од потребите на животното.
“Да речеме тигарот ако јаде во летниот период 7 килограми месо, во зимскиот период јаде за 2 килограми повеќе, односно 9 килограми месо” –вели биологот Јорданчо Милошевски, кустос во Зоолошката градина во Скопје.
Најголемата атракција во скопската Зоолошка градина и миленик на вработените и на посетителите е папагалот Ага од видот какаду. Тој е гостин на многу роденденски забави. Припитомен е и секогаш расположен за игра.
За подигнување на свеста на посетителите да не ги хранат животните и да не им фрлаат какви било предмети, вработените велат дека кампањите дале резултати и во последниве 7 години немало никакви инциденти.
“Ги нема веќе смоките, стапчињата и лижавчињата, кои што се фрлаа во живеалиштата за да може животното да биде загрозено. Сето тоа, сега е сведено на минимум”рече Јорданчо Милошевски, кустос во Зоолошката градина во Скопје.
Со текот на годините во оваа золошка градина се родиле, но и угинале неколку нејзини жители. Последниот случај ги потресе најмногу најмладите. Веста за угинувањето на жирафата Орка брзо се рашири.
Од Зоолошката не ги коментираат ваквите изјави и велат дека деновиве ќе излезат на прес-конференција со обдукцискиот извештај од анализите за смртта на Орка. Велат дека живеалиштата на сите животни во Зоолошката градина се изградени според стандарди на Европската асоцијација на золошките градини кои наложуваат да има доволно простор, светлина и вода.
Александра Перевска
